ФИФА потврди дека конечно е одлучено финалниот меч на Светското првенство во фудбал.во 2022 година да се одигра на 18 декември, што ќе биде прв таков случај во историјата на ова натпреварување.
Минатиот месец, специјална комисија од експерти која испитуваше кој е најдобриот термин за одржувањето на Мундијалот во оваа мала арапска земја, во регионот на Персискиот Залив, препорача првенството, наместо во летните месеци (јуни-јули) да се организира во периодот од крајот од есента и почетокот на зимата.
Ваквиот предлог беше понуден затоа што во текот на летото, температурите на воздухот во Катар се искачуваат до над 40 степени Целзиусови, кога е невозможно не само да се игра фудбал, туку и да се следат натпреварите. За разлика од летото, во доцната есен и во текот на зимата, температурите се движат околу 20 степени, што се смета како прифатливо за сите репрезентации, како и за навивачите.
Според соопштението од седиштето на ФИФА во Цирих, предвидено е Светското првенство во Катар да започне во ноември 2022 година и да трае до 18 декември, за кога уште од сега е определено да се игра финалниот натпревар и да заврши првенството.
Во ФИФА велат дека тој ден се паѓа во недела, а 18 декември е национален празник на Катар, што само ќе придонесе за свечената атмосфера со крајот на првото светско првенство во една муслиманска земја и во време кога не е одржано ниту едно досегашно првенство.
При определувањето на термините, се внимавало на тоа да нема религиозен празник во регионот,к ако и пренството да заврши најдоцна на една недела пред христијанскиот Божик (за католичките и протестанските верници) на што инсистирале фудбалските асоцијации.
УЕФА сугерирала Мундијалот во Катар да заврши на 23 декември, но тој датум не бил прифатен.
ФИФА уште најави дека првенството во Катар ќе трае и пократко од оние во Бразил и во Русија во 2018 година. Наместо 31 или 30 денови, катарскиот Мундијал ќе трае 28 денови.