Во текот на вчерашниот ден советникот од редовите на ЛДП Дејан Блажески постави прашање до Градоначалникот, кое се однесуваше на давање информација за тоа кој ќе гради кај Плаошник, имајќи предвид дека оваа информација ја немаше на официјалниот сајт на општина Охрид. Меѓу другото, новинарите кои работеа на оваа тема многу добро знаат дека оваа информација недостасуваше на официјалната страна на општина Охрид. Веројатно водени од девизата дека искреноста и наивноста се поклопуваат, се излажавте или ве излажаа, велат од Либерално – демократската партија во Охрид.
Прашуваме дали станува збор за добро познатата реченица која јасно кажува дека не паѓа снегот за да го покрие брегот, туку ѕверките да остават трага? Скоро сите траги ги покривте, но ете една заборавивте. Заборавивте дека пребарувачот Google cachе памети.
Повеќе од јасно е дека на втората фотографија е додадена речницата за тоа кој е купувач на земјиштето. Пред фактите и боговите молчат. Напоменуваме дека станува збор за официјалната веб страна на Општина Охрид, и оваа измена веројатно е направена со намера да се наштети не само на опозицијата, туку на граѓаните. Ваквото моделирање на официјалниот сајт за дневно поентирање на Градоначалникот задира во правните процедури. Вакавите изјави кои се несериозни, зачинети со иронија, малициозност, потценување значат замајување на граѓаните и оттаму потекнува, најголемата, без оглед на правната, а таа е морална одговорност – стои во реакцијата на ЛДП.
Од ЛДП бараат од градоначалникот Бакрачески веднаш да го провери и да предложи истрага за случајот со цел лоцирање на одговорност и да утврди кој од неговото опкружување се обидел да го намести неговиот одговор, нормално, доколку за ова и не знаел самиот. Како што велат од партијата, и во двата случаеви, после таквата изјава, неважно дали е резултат заради нефункционирање на службите или пак станува збор за подметнување од нечија страна и наивна презентација на не/фактите и бараат извинување до граѓаните заради нивно ставање во заблуда, како и на новинарите кои присуствуваа на вашата вчерашна прес – конференција.
Без оглед на се, ова ќе помине, но ќе остане само срамот и циничната насмевка. Прашуваме колку пати вака доколку знаевте лажно сте се смееле г-дине Градоначалник? Ние Ви простуваме, се надеваме дека истото ќе го сторат и охриѓани. Потенцираме дека овде ја завршуваме преписката се додека не излезете со разрешница, нечија одговорност и Ваше извинување. Потенцираме, дека фотографиите се автентични со целата одговорност – велат од ЛДП.