Зајкова реизбрана за претседател на ЛДП – бара проверка на потекло на имот на сите функционери од 1991 година наваму

Од:

Моника Зајкова останува на чело на Либерално-демократската партија (ЛДП), откако делегатите на денешното деветто партиско собрание ѝ ја дадоа довербата за нов претседателски мандат.

На Деветтиот конгрес на Либерално-демократската партија (ЛДП), кој се одржа во Скопје под слоганот „Напред, либералдемократи!“ на која присуствуваа над 400 делегати и претставници од политичките партии, граѓанските организации, дипломати и останати гости , Моника Зајкова побара да се испита потеклото на имотот на сите избрани и именувани функционери од осамостојувањето до денес.

Таа предложи да се утврди што поседувале пред да стапат на функција, што стекнале потоа и дали стекнатиот имот одговара на нивните законски приходи.

„Родена сум во 1991 година, годината кога Македонија ја стекна својата независност. Токму од таа година барам да се испита потеклото на имотот на сите избрани и именувани функционери, по јасни законски правила и без селективност“, рече Зајкова.

Таа нагласи дека проверката треба да ги опфати и функционерите од ЛДП. „И за нас да важат истите правила“, порача Зајкова.

Зајкова зборуваше и за условите што им се потребни на младите за да изградат живот во Македонија.

Го посочи субвенционираниот студентски оброк како пример за иницијатива на ЛДП што станала законско решение. Како следни чекори ги издвои усогласувањето на износот на субвенцијата со трошоците за живот и поддршката за младинското претприемништво.

„Млад човек не треба да избира меѓу својата професија и својата држава“, рече пред присутните Зајкова.

Свења Хан, претседателка на Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ) и европратеничка од Германија, во своето видеообраќање ја нагласи поддршката за европската перспектива на Северна Македонија. Хан порача дека земјата ѝ припаѓа на Европа и дека нејзиниот пат кон членство во Европската Унија мора да остане веродостоен и остварлив.

„Ви го честитам вашиот деветти конгрес. ЛДП со години ги брани либералните вредности во Северна Македонија“, потенцираше Малик Азмани, потпретседател на АЛДЕ и европратеник од Холандија.

Ирена Јовева, европратеничка од Словенија од движењето „Слобода“, се осврна на европската интеграција на земјата и на местото на македонскиот јазик и идентитет во Европа.

„Европската иднина на Македонија не смее да биде заложник на билатерални спорови. Но исто така не смее да биде ни заложник на домашни политички пресметки. А македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се пречка за европската иднина. Тие се дел од неа“, истакна Јовева.

За придонесот во создавањето и развојот на партијата, ЛДП постхумно им додели плакети на Филип Аврамчев и Велимир Кузмановски.

Плакети им беа врачени и на проф. д-р Владимир Петрушевски, Драган Малиновски, Доне Глигориу, Тома Глигориевски и проф. д-р Никола Пановски.

Би можело да ве интересира

Зајкова: Да не ви паднало на памет да ги штитите

Катерина Ѓуровски

ЛДП до премиерот: Доста е со манипулации и глумење фрапираност од судството – изменете го Кривичниот законик веднаш

А1он

ЛДП: За два дена над 10.000 потписи против институционалната слепост за насилството врз жените!

А1он

ЛДП бара електронски алки за следење на насилниците, Зајкова повика на потпишување петиција

Катерина Ѓуровски

ЛДП за случајот со Ива Михајлова: Дали да го укинеме судството, кога институциите и онака не функционираат?

Чилиманов: Додека преспанските овоштари ги бројат загубите, Владата нема ниту план ниту решение за нивниот опстанок