На први март (според стариот календар) односно на 14 март по Грегоријанскиот календар, Светата православна црква го празнува споменот на светата преподобна маченица Евдокија. Со празникот посветен на нејзиниот спомен започнува месецот март, а според некои и новата година. Први март уште се вика и Летник, зашто според верувањето тогаш започнува летото. На овој ден низ цела Македонија се изведуват богати обичаи кои врз магиски принцип треба да обезбедат заштита од разни штетници од змии, болви, од шумските ѕверови но и здравје на луѓето во претстојната работа сезона.
Најголемиот број обичаи поврзани со Летник се изведуваат вечерта спроти празникот. Тогаш се бере кукурек и се запотнуваат куќите, плевните, шталите, потоа посебно се запотнуваат креветите, ношвите, огништето, амбарите, леите, плугот и др. Се верува дека потката ќе ги чува овие објекти и предмети, како и луѓето и добитокот, од разни болести и други несреќи. И внимавајте, верувањето е дека како што ќе ви помине утрешниот ден, така ќе ви минува целото лето…
Меѓу позначајните обичаи поврзани со овој ден е правењето, односно китењето со мартинки. Тие најчесто се прават од бел и црвен конец и се ставаат околу вратот, на рацете или на нозете. Најчесто ги носат само децата, но во некои краишта ги носеле сите членови од семејството, за добро зравје и среќа, но и како магиска заштита од разни несреќи.
Во Дебарца (охридско) мартинките се правеле од бела и црна волна, но само од волна што била оскубана од овците. За таа цел волна се собирала по смреките, плотовите, јаслите и други места каде што минувале или престојувале овците. При сучењето на мартинката една жена пуштала од волната паралелно и од белата и од црната, но повеќе од белата, друга пак сучела мижејќи и одејќи назад.
Кога мартинките ќе биле готови им ги шиеле со игла некому на појасот, на други на ногата или околу раката. Притоа се велело: „Гад в гора, (името) в поле.“ Со тоа змиите, смоковите и другите гадови се праќале во гората подалеку од луѓето. Ги викале гадови, не им ги споменувале вистинските имиња, бидејќи според верувањето ако им го кажеле вистинското име тие веднаш ќе дојделе. На помалите деца мартинки со паричка им ставале околу вратот. Мартинките ги носеле се додека виделе ластовица или штрк, тогаш ги фрлале велејќи: „На ти ластојце мартинка, да ми дајш кошула“. И верувале дека навистина ќе добијат кошула.
Во Кукуш, како што е запишано во Зборникот на браќата Миладиновци, мартинки правеле од бело и црвено: „Дента спроти Марта сучат црвено и бело предено со цело: и утрината го клавает на децата на грло, на р’це и ноѕе, за здравје. Тие се викает мартинки и со ним в Струга стретват ластовиците. Таја вечер преминуваат местата, к’де спавале до тога за да не ги јадат болви. Тој ден малите деца прават ластовица от дрво шикосано и пејет по к’штите: „Ластовица идеше, црно море пливаше…“ Во сиот месец не јадат зелје останато од понапрежниот ден”.
И Спространов забележал дека во Охрид мартинки правеле од бела и алена волна, а ги врзувале на рацете или ги шиеле на облеката и ги носеле цело лето за да не ги касаат змиите. Тоа повеќе го правеле селаните кои во текот на летото често биле низ полето. Оние, пак, што често се сопнувале при одењето, мартинките ги врзувале на прстите од нозете. Мартинките се сучеле мижејќи „за да бидат како слепи змијте и да не и вижџет љуѓето, ко ќе минет покрај ними“.
Во Горноџумајско во пиринскиот дел на Македонија, „мартинчета“ правеле девојките и младите мајки, на самиот ден на празникот пред изгрејсонце. Мартинчета ги правеле од бел и црвен конец и ги врзувале околу вратот на момите, но и на рацете на малите деца. Притоа велеле: „Да сме бели и червени като тези мартинчета“. Ги носеле во текот на месецот март, а на први април ги ваделе од себе и ги ставале под камен. Тука останувале три дена, а потоа го кревале каменот и гледале ако има некое животно претскажувало нешто добро, бериќетна година. Особено ако имало т.н. „Божи кравици“ претскажувало голема среќа за сопственикот на мартинката и плодност на кравите, овците и другиот добиток. Ако под каменот немало ништо, се сметало дека нема долго да живее.
Во Радовиш мартинки се правеле рано наутро пред изгревот на Сонцето на самиот Летник. Се правеле од бело и црвено предено (памучно) и додека децата спиеле им се врзувале на рацете, а на девојчињата и околу гушата со паричка. Во овој крај се знаело дека мартинките на левата рака биле за ластовиците, а на десната за штрковите. Кога ќе ги виделе првите ластовици и штркови децата ги поздравувале со песнички, а мартинките ги оставале под камен со верување дека за тоа ќе добијат кошула.
Во Галичник на „првиот дењ мартов“, како што го запишал П. Ѓиновски, правеле млњаци за сите машки членови во семејството и ги носеле околу вратот до Ѓурѓовден. Млњаците биле низалчиња „од неколку старицела (т.е. сребрени пари) и жлтици, нанижани на конец, еден конец копринен и шарен, т.е. еднијот конец је бел и ленен, а другијот от црвена коприна усукани заједно и таке је сторен конецот шарен-бело и црвено.” Овие низи се викале млњаци зашто имале цел заштита од молња (рофја, секавица, светкавица). На пролет кога по прв пат се правело храна од новите коприви најпрвин сркнувале со млњакот наместо со лажица при што велеле: „На суви дрва и камења (нека одит) треска и огница, а на мене (нека доет) здравје и весеље.“ На Ѓурѓовден на децата „им ги соневајет“ (изваѓајет) млњаците од врат, парите ги ставале во ковчег, а конците ги клавале во градината на трендафил за да бидат бели и црвени како трендафилот.
Во Гевгелиско мартинките од црвен и бел конец ги носеле околу вратот, но и околу прстите од рацете и нозете како прстења се додека не се искинеле. Тогаш пак ги ставеле под бел камен за да бидат бели и црвени. Во овој крај верувале дека мартинките ќе ги заштитат од Сонцето да не ги изгори.
Во Голо Брдо празникот Летник го празнувале и христијаните и муслиманите. За одбрана од гробник или вопер (вампир) сучеле црвен и црн конец, притоа држејќи ги рацете позади. Исто така, потоа го зашивале овој конец на клашеникот позади, а го симнувале на Ѓурѓовден и го обесувале на трендафил.
(За МИА подготви д-р Марко Китески)