Кипар во крајна сметка нема потреба за сите 10 милијарди евра предвидени во програмата за економски спас на државата бидејќи економијата се опоравува побрзо од предвиденото. Тоа го најави министерот за економија Харис Георгијадис.
– Нештата се многу подобри иако не може да се каже дека се добри, истакна Георгијадис неколку дена пред втората годишнина од почнувањето на кризата што го погоди Островот во 2013 година.
– Економијата се опоравува. Се уште сме во рецесија, но се гледаат подобрувања на секои три месеци, додаде тој. Предвидува „многу мал раст“ во 2015 година.
Откако беше на раб на банкрот во март 2013 година на Кипар му беше одобрен план за економско спасување во вредност од 10 милијарди евра.
Досега Кипар добил над 6 милијарди евра од тројката кредитори.
Според Георгијадис државата има напредок во сите сфери-невработеноста се намалува, државните финансии се под контрола, банкарскиот сектор е стабилизиран и има нови капитали.