Д-р Ненад Живановски
Одлуката на ОБСЕ во иднина да „одбива каков било контакт со Миленко Неделковски и со сите медиуми што му обезбедуваат платформа за да ги искаже своите ужасни пораки“, од страна на Неделковски и неговите истомисленици беше отфрлена со објаснување дека оваа организација му го ускратувала правото на слобода на говор. Ваквиот негов став кореспондира со резултатите од едно истражување од пред четири години, спроведено меѓу македонските новинари, во кое на прашањето како треба да се третира говорот на омраза во македонското општество беа добиени следниве проценти: 55% се изјасниле дека треба јавно да се етикетира од граѓанството и вербално и политички да се осуди, 31% од анкетираните биле убедени дека треба судски да се казнува, 2% немале одговор и, она што беше особено интересно, дури 12% сметале дека говорот на омраза е дел од слободата на говорот и не треба да се казнува, етикетира или осудува. Како тогаш, така и денес, забележливо во јавните полемики е дека најголеми поддржувачи на ваквиот (американски) однос кон слободата на говор се оние кои најчесто се посочуваат дека во своите изјави користат говор на омраза. Неделковски во неговите телевизиски настапи неколку пати јавно се декларирал дека на него му е „многу поблизок американскиот концепт на слобода на говор“, во кој говорот на омраза се смета за регулирен чинител во политичката дебата.
Сепак, таквиот третман на говорот на омраза е неприменлив кај нас од следнава причина: македонското законодавство се темели на европското континентално право, а односот на судството кон говорот на омраза треба да биде во согласност со забраните кои произлегуваат од Европската конвенција за правата на човекот и Универзалната декларација за човекови права. Кратко кажано, во Европа, вклучително и во Македонија, правото на слобода на говор не значи и право на другиот да му се повреди достоинството, па, оттука, и изјавата на Миленко Неделковски не може да потпадне под загарантираното право на слобода на говор.
Сепак, во продолжение, би направиле еден експеримент за да утврдиме како би поминал овој новинар доколку истата изјава („Голем број лица, повеќето новинари и политичари треба да се закопаат длабоко и врз нив да се стави една дебела, силна, армирана, бетонска плоча за веќе да немаат никакво влијание врз ова што се случува“) би ја кажал на јавен медиум во САД? Нема сомнеж дека американскиот пристап дозволува широко толкување на правото на слободен говор, во што често спаѓа и говорот на омраза и што станува воочливо уште во Првиот амандман на Уставот на САД, донесен во 1787 год., кој гарантира дека Конгресот нема да донесе закони кои ќе ја ограничат слободата на говорот и печатот. Уставното право на САД речиси секогаш го штити говорот на омраза бидејќи го смета, пред се, за политички говор иако тоа бара голема цена за достоинството, честа и еднаквоста на нападнатите или за цивилизираноста на јавната дебата и јавниот мир. Причината за тоа е дека американското уставно право, кога станува збор за говор на омраза, првенствено во оваа појава го гледа “говорот”, а не како во Европа “омразата“, и смета дека на говорот кој навредува треба да му се одговори со против говор, а не со државна регулација. Еден од посилните аргументи за широка заштита на говорот е фактот дека слободата на говорот традиционално била важна за малцинствата да ги изразат мислењата кои на мнозинството му се чинеле за апсурдни или дури навредливи и затоа многу американски мислители сметале дека заштитата на навредливиот говор е морална должност. Како експерт за Првиот амандман, Кент Гринвилд сметал дека не е случајност тие што се културно помалку привилегирани или политички порадикални, дека, поверојатно, ќе користат зборови или фрази кои можат да бидат осудени дека го повредуваат граѓанскиот дискурс. Според него, во отсуство на вистинска политичка моќ, екстремните зборови и зборовите полни со емоции и сл. се единствените оружја на немоќните за да добијат внимание за одредено прашање и да ги мобилизираат луѓето да се сменат. Во поддршка на ваквиот американски пристап, британскиот филозоф Бертран Расел ја оформил хипотезата според која демократијата бара највисок степен на толеранција: „суштинскиот дел на демократијата е дека поголемите група, па дури и мнозинствата, им пружаат толеранција на групите со различни мислења, без разлика колку мали групи се тие и без разлика колку тоа мислење му штети или ги возбудува чувствата на мнозинството. Во демократијата потребно е граѓаните да научат да трпат такви повреди и возбудавања”.
Многу илустративен судски случај кој објаснува како во пракса се остварува ваквиот третман на говорот на омраза од страна на американскиот суд е предметот од 1992 г. R.A.V. v. City of St. Paul. Во овој случај, група бели тинејџери биле санкционирани од локалниот суд, поради тоа што запалиле крст во двор на црнечко семејство. Овие престапници биле обвинети врз основа на уредбата на градот за злосторства од омраза, која експлицитно забранувала прикажување симболи „за кои се смета или има разумни причини да се смета дека предизвикуваат гнев, вознемиреност или одбивност кон одредени лица, врз основа на раса, боја, верувања, религија или пол“. Во јуни 1992 година, Врховниот суд ја поништил таквата одлука на градот Сент Пол, со која се забранувало користење на секаков симбол кој предизвикува гнев, немир или омраза кај другите врз основа на раса, боја, потекло, религија или пол. Заради посебните забрани кои ги наметнувала уредбата на Градот, Врховниот суд одлучил дека законодавството наметнувало рестрикција на содржината на говорот и тоа морало да се прекине. Главниот фактор бил тој што судиите се согласиле дека палењето на крстови е заштитена форма на изразување според Првиот амандман. Како пишува американскиот публицист Семјуел Волкер, најдобриот начин да се разбере ваквата одлука е да се каже дека Врховниот суд одлучил да го заштити овој говор со тоа што ќе ја деконтекстуализира историјата на палење крстови на начин што оние кои го прават тоа ќе ги прикаже како непопуларно малцинство, чии говори судот мора да ги заштити наспроти државната моќ за цензура. Според него, оние кои палат крстови се прикажани како непопуларно малцинство кое судот мора да го одбрани од моќта на државата, а логиката на таквото резонирање била во изменетата реалност – реалноста на континуиран расизам и сегрегација е избришана и фанатизмот е предефиниран како мнозинско осудување на малцинските расистички погледи. Моќните ефекти од палењето крстови, нападот, теророт, исто така, се изменети, како што и моќта е заменета и денес е во рацете на оние кои се противат на расизмот односно моќните антирасисти ја заробиле државата и ја користат државата за да ги угнетат немоќните расисти. За да се разбере промената на историскиот контекст на палењето крстови, како објаснува Волкер, треба да се вратиме накратко во дваесеттите години на минатиот век кога горењето крстови било агресивен исказ на расна омраза од Кју Клукс Кланот и други бели расисти кои тогаш доминирале над црнците и емигрантите. Кланот бил формиран во 1886 година, а својата најголема моќ ја достигнал во 20-тите и 30-тите години на минатиот век, со масовни демонстрации во главниот град и милиони членови. Во 1992 год., во спомнатиот случај R. A. V. v. City of St. Paul, локалниот суд се соочил со такво потенцијално сценарио, но со јасно изменета позиција на моќ во корист на антирасистите. Затоа и Врховниот суд во својот заклучок напишал дека „не треба да се има двоумење дека палењето на крст во дворот на некое лице е неприфатливо, но градот Сен Пол има други можности да го спречи тоа без да го фрли во огин и самиот Прв амандман“.
Во САД, генерално гледано, најчести случаи кога слободата на говор не била заштитена, се случаите на „јасна и присутна опасност“. Оваа доктрина потекнува од судијата на Врховниот суд на САД, Оливер В. Холмс Јр., според кого говорот треба да биде заштитен само доколку не наметнува „јасна и присутна опасност“ за луѓето. Тој тоа го објаснил со прашањето: „Дали некој може да се повика на слобода на говор ако лажно, во преполна кино сала, викне – пожар! – и предизвика паника“? Во холмсовиот пример, разумните индивидуи се присилени да дејствуваат со страв за нивната безбедност. Значи, според доктрината на „јасна и присутна опасност“ битно е дали зборовите се употребени во такви околности и се од таква природа, што создаваат јасна и присутна опасност дека ќе предизвикаат некои основни зла кои Конгресот има право да ги санкционира бидејќи слободата на говор не значи и слобода да се тероризира или побудува омраза.
Гледано и низ историски контекст, една од разликите кои прават американскиот однос кон говорот на омраза суштински да се разликува од европскиот е во тоа што во САД слабите и ранливите групи, како што се црнците, жените, сексуалните малцинства, го користеле говорот на омраза за да се одбранат од помоќните и поголемите општествени групации или да го привлечат вниманието на другите врз нивните проблеми за да го подобрат сопствениот статус во заедницата. Во Европа било обратно: посилниот – фашистите и национал-социјалистите, користејќи ги своите права кои им ги гарантирала демократијата ги завладеале институците и ја злоупотребиле легитимната моќ на државата за потоа да им ги забранат тие права на послабите од себе.
Наведените американски примери, хипотетички прилагодени на македонска реалност, би значеле дека лицата кои се дел или се блиски до политичката власт се откажуваат од правото да употребуваат говор на омраза кој би го квалификувале како слобода на говор, туку тоа право им се отстапува на маргинализираните општетсвени групи или на политичката алетрнатива бидејќи тие немаат привилегиран пристап до ресурсите на државниот апарат за да ги употребат во своја корист или заштита. Со други зборови, Миленко Неделковски не може да тврди дека спомнатата негова изјава може да се оправда со загарантираното право за слобода на говор, но, исто така, значи и дека многуте контроверзни ставови, на пример, на опонентот на власта, новинарот Бранко Тричковски, во САД би се третирале како слобода на говор, а не за говор на омраза (иако, лично за мој вкус, неговите вулгаризми се дегутантни и не му личат на годините кои ги има). И второ, примената на доктрината на јасна и присутна опасност, како во САД така и за нашите љубители на говор на омраза би значела дека тие имаат право да го користат таквиот говор се додека не повредат некого или не предизвикаат опасност. Бидејќи оваа доктрина треба да има и значење на психолошка превенција (двапати да се размисли пред да се изрече некаква омраза), последователно говорниците треба да бидат подготвени и да трпат санкции ако изречените зборови предизвикаат несакани и штетни последици. Конкретно ако некој насилник се обиде да повреди или повредил некој новинар или политичар кои јавно се препознаени како критичари на политичката опција која Неделковски ја брани, а насилникот изјави дека кога го правел насилниот акт бил мотивиран од повикот кој јавно го упатил Неделковски, тогаш и во САД Неделковски не би можел да се повика на Првиот Амандман и би одговарал за поттик или како инспиратор за предизвиканото насилство од страна на друго лице. Ако до тоа дојде, тогаш ниту цитатот од Волтер, ниту пер ту односот со премиерот не можат да бидат аргументи за судот да не му изрече соодветна казна. Затоа што слободата на говорот не значи и говор без одговорност!