По примерот на Студентскиот пленум, за прв пат од неформалното конституирање пред два месеца и Средношколскиот пленум денеска одржа отворен состанок кој се оддржа во градскиот парк во Скопје.
Главна цел на собирот, велат средношколците, било формирање на интерни пленуми, кои ќе дејствуваат локално, во сите градови и училишта, но и да се слушнат предлози од пошироката јавност, за како што велат, подобрување на средното образование, информира ТВ 24 Вести.
Засега од пленумот, велат дека имаат две клучни барања, укинување на математиката како задолжителен предмет за државна матура, односно враќање на предметот како изборен, и измени во екстерното тестирање.
Оценката , според нив не смее да се сведува само на резултатите од екстерното, мора да се земе в предвид и активноста, но и успехот во текот на цела учебна година, велат од Средношколскиот пленум.
Од пленумот велат дека детално ги проучуваат измените на законот за средно образование, по што барањата ќе ги достават до ресорното министерство. А во зависност од одговорот оттаму, велат ќе преземат дополнителни чекори, за што поддршка имаат и од родителите и наставниците.