Директорката на Фондот за здравствено осигурување Маја Парнарџиева – Змејкова денеска поднесе оставка од функцијата, поради, како што рече, лични, човечки причини.
– Чекав да се добијат резултатите од судска медицина, за да се констатира причината за смртта, и да се види вистината за случајот со Тамара, кој заради се што се случи и пеколот низ кој поминувавме, но и напорите кои претходно ги правевме, а дел од јавноста не ги вреднуваше, сепак целиот мој живот ќе го носам со себе и покрај тоа што сум свесна дека се што можевме, се сторивме, буквално се, рече Парнарџиева – Змејкова.
На прес-конференција истакна дека го разбира гневот на луѓето, посочувајќи дека и таа била гневна и згрозена.
– Револтот и гневот на пошироката јавност мене ми е сосема разбирлив. Лично се соживувам со него како човек и мајка. Обдукцијата, која веќе е објавена во медиумите ја потврди причината за смртта, се работи за причина која не е поврзана со операцијата која Тамара требаше да ја има, а за која се обезбедија на крај средства. Дополнително интерна комисија во Фондот провери и контатира дека сите процедури во лекарските комисии и стручните служби во Фондот се испочитувани, рече директорката на ФЗОМ.
Обдукцијата, додаде, покажала оти причината за смртта не е поврзана со операцијата која Тамара требаше да ја има, а за која се обезбедија на крај средства.
Во тек е протестот за оставка на министерот за здравство Никола Тодоров, поради смртта на малата Тамара Димовска од Велес.