Гоце Димовски – режисер – Колумна за А1он
Пред точно една година прочитав писмо од еден украински писател, Јуриј Андрукович, познат и во меѓународните книжевни кругови. Писмото го доживеав толку потресно, што до денес не можам да ги заборавам сликите кои писателот успеал да ги долови за состојбите во неговата земја.
Всушност, еве некои моменти (извадоци).
Цитат:
Драги пријатели, Еве ги најважните работи што морам да ви ги кажам. Практично, пишувајќи и споделувајќи го ова, станувам предмет на неколку нови членови од кривичниот законик за “клевета”, “подгревање на тензиите” итн. Кратко кажано, ако ги признаеме овие “закони”, се што не е експлицитно наведено како дозволено од моќниците, е забрането. А единственото што е дозволено е да им се покорите на моќниците.
Имате чувство дека некои чудни “ескадрони на смртта” се пуштени во земјата со задача да го збришат најдоброто во неа. Сега имаме револуција на младите. Кога паѓа мрак над Киев, неидентификувани групи “луѓе во цивилна облека” роварат низ градот, ловејќи ги младите. Ги киднапираат и ги носат во шума, каде се соблекувани голи и мачени на страшно студеното време. Поради некоја чудна причина, жртви на таквите акции се претежно младите уметници: глумци, сликари, поети…
Не знам што ќе се случи во иднина. Мислете на нас. Украискиот народ сега ги брани европските вредности на слободно и праведно општество со сопствената крв… (завршен цитат). Ете зошто толку ме вознемири содржината на тоа писмо, поради кое често пати си го поставувам прашањето, што е денеска различно во мојата и ваша татковина, Македонија? Има ли пострашно чувство да се доживуваш како заложник во сопствениот дом, без право да размислуваш, да расудуваш, да создаваш…
Едноставно, без право да го живееш и обликуваш сопствениот и така усложнет живот и принудно да го ставиш во служба на плебејците… Non merci! Macédoine pas seulement le vôtre!!!
Изминативе приближно десетина години, мојата држава ми наликува и на периодот од Француската револуција, онаа декада од 1789-1799, епоха позната по ужасната репресија на јакобинците врз граѓаните. Обвинувања, прогонства, масовните егзекуции… време наречено “Владеење на теророт” во кое француското граѓанство му дава апсолутната поддршка на Максимилијан Робеспјер, именувајќи го како “човекот кој не може да се корумпира”.
Човекот на револуцијата набрзо е идол и на лажните револуционери. Големиот преродбеник не само што не успеал да се справи со традициите на француската монархија, туку во негово владеење ја создал новата, силна буржоазија, која набрзо продуцира понатамошни социјални немири. Според официјалната француска историја, Робеспјер погубил повеќе од 25 илјади луѓе, додека некои светски прозаисти во своите книжевни дела пишуваат дека ја погубил половина Франција. На крај, големиот “преродбеник” и револуционер, завршува на гилотиња запаметен како “Диктаторот дивјак”.
Ете уште еден пример зошто толку ме вознемири состојбата во мојата земја. Зарем е многу различно од состојбите во Франција од крајот на 18 век?! Да, различни се категориите на сталежите. Различна е бројката на луѓето кои ја напуштаат татковината, различен е начинот и бројот на егзекуции, на онеправдани, на понижени… едноставно, разликата е што се работи за различни држави по сите основи, а најиронична е разликата на епохите на теророт…
Единствено што е исто, тоа е формата на страдање. Каква иронија! Денеска, граѓаните на оваа земја, се вчудоневидени и опседнати од оваа хорор пародија низ која сите заедно минуваме. Се обзнануваат докази за кои ми се чини дека граѓанството не е подготвено да ги восприема со полна свест и разум. Можеби природата на човечкиот организам не може да издржи шокантни информации од такви размери и во толкав обем, па затоа создава одбранбен механизам со самозалажувње и успивање…
Што ни се случува?! Народот страда на целата географска ширина и должина на државата. Подалеку од скопскиот плоштад на кој ни се подбива цела Европа, се и насекаде изгледа како руска губернија во последниот атак на Иван Грозни врз народниот имот и сопствениот народ, а во исто време “куќата на злото” прогласува некаква афера, па уште наречена со српско име “Пуч”(незнам зошто)?!
Претпоставувам дека мислеле на “Државен удар”. Чудна, не јасна терминолгија! Можеби постојат повеќе форми, методи, начини на државен удар, незнам! Ако мислат на пучење по државни кабинети, тогаш има некаква логика тоа да го нарекуваат пуч. А ако мислат на застрашувачките докази кои опзицијата периодично ги обзнанува пред македонската јавност преку својата кампања т.н.
“Вистината за Македонија” тогаш ме зачудува каков е тој државен удар?! Во секое демократско општество, опозицијата има обврска кон граѓанството да им ги воочи и презентира сите аномалии на власта, која пак исто така има обврска да се корегира во интерес на државата.
За жал, постојат и такви власти кои имаат чувство дека човештвото постои поради нив, поради нивните суети и комплекси, или можеби поради нивната алчност… По сите параметри изгледа дека ние во моментов се соочуваме со тој феномен. Единственото објаснување на власта за целиот овој грозоморен чин, а жестоко поддржано од медиумскиот, платенички пиар, е контраобвинување кон лидерот на опзицијата, дека бил “соработник” на странски служби и некаков “шпиун”?!
И толку. Тоа е објаснувањето. Каква пародија! Каков срам! Ќе одговори ли некој за содржината на објавените снимки? Ќе направи ли некој анализа на суштината на истите материјали? Во секоја цивилизирана и демократска земја за ваква работа владата го напушта престолот за неколку часа. За да биде иронијата уште поголема, актуелниот министер за одбрана на РМ, со една куса изјава даде многу едноставен одговор, дека не станува збор за никаков државен удар. И сега што? Каков удар, каков пуч? Кој друг треба тоа да го потврди? Во последниве девет години, имам чувство како постојано да сме под државен удар. Поткопувањето на фундаменталните вредности на државата, не е ли државен удар?!
Денеска имаме состојба на масовно изселувње од Р. Македонија. Народот живее во социјална катастрофа. Ми се чини дека овој период ќе биде запаметен и како еден од најголемите иселенички бранови од Македонија. Прогонството на се што е вредно и прогресивно повлекува уништување на националните вредности. Процес, кој прилега на евентуален заговор на континуирано, децениско уништување на автохтоното македонско битие од идеолошко нејасни структури кои се повеќе наликуваат на нео-петтоколонаши.
Македонските затвори се полни како никогаш до сега. Луѓето безмилосно се малтретираат, се уништуваат заедно со нивните семејства, како некој да сака да каже дека македонците се најкриминогениот народ во Европа! Државата е во целост узурпирана. Не е ли тоа еден од перфидните модалитети на државен удар?!
Доведен е во прашање опстанокот на државата. Изолацијата од ЕУ и НАТО интергациите, свесно или несвесно, незнам, не е ли форма на државен удар? Ме води некакво чувство дека “големите владини петриоти” со исклучително лицемерие, безмилосно го манипулираат речиси уништениот македонски народ, дека нема цена која може да се плати за отстапка од светото име на нашата земја, Македонија. Незнам дали луѓето воопшто се запрашале, каде ќе го носиме името ако ја изгубиме државата?!
Не е ли тоа најголемо предавство…? Отстапката за името е неминовен процес. Длабоко верувам дека на актуелната влада тоа им е совршено јасно. Но, проблем е, како тоа да им го објаснат на сопствениот народ, посебно на оние кои со години ги манипулираат во име на светиот патриотизам. Народниот очај и агонија е доведен до стадиум да им се смачи и од личното име и презиме. Затоа е идеата на премиерот за референдум и тоа во име на голем демократ, демек сака да го праша народот за потоа да им го препише гревот, како Понтие Пилат за пресудата на Исус Христос. Не е ли тоа исто така големо предавство? Народниот мандат не им е даден за грабеж и немилосрдно трошење на народните пари во неважни цели. Секоја влада е должна да одлучува во име на народот и за крупни нешта кои се во државен и национален интерес.
Единствено поранешниот премиер на Р. Македонија, Љубчо Георгиевски, се произнесе со категоричен и недвосмислен став по тоа прашање. Тоа е единствениот точен и праведен пат кон народот и државата за спас од бездната пред која сме доведени. Се чудам од каде таа заслепеност кај одредени луѓе кои толку едноставно и со таква леснотија прогласуваат некого за херој, а некого за предавник?!
Херојството на оваа идеолошки не дефинирана влада е во полн ек и сите го гледаме. Зачудувачка е жестокоста на новокомпонираните “патриоти” кои до неодамна можеби мислеле дека ВМРО е фабрика за фрижидери.
Затоа, можеби е време со закон да се забрани негово понатамошно користење во политички и комерцијални цели. Историјата на Македонија не памети такво сквернавење, како денеска, на синонимот на вековната македонска борба за слобода, права и еднаквост. Имам чувство дека на Македонија ќе и бидат потребни 20-тина години за да се рехабилитира вистинското, идеолошко значење на историското ВМРО. Ете, тоа е државниот удар во кој македонските граѓани го живеат секојдневието. Уморни сме од интриги, небулози, инсинуации, лицемерие…