Почитуван г-не Неделков,
Во името на вработените при ОУ „Крсте Мисирков“ Куманово, во време на преговорите кои ги имате со претставниците на МОН, сакаме да Ви укажеме на неколку работи.
Во денешен дневен печат (Нова Македонија, петок, 06.02.2015) под наслов Повисоки плати во градинките, наставниците ќе почекаат, во делот за казни и награди поврзани со екстерното тестирање, пишува дека е договорено следново:
За ресорот образование најтешко ни одеа преговорите во однос на екстерното тестирање за казните и наградите, бидејќи тие се веќе во законите за основно и средно образование. Нема да бидат казнети тие што сега од февруари требаше да добиваат пониска плата. Планирано е да има нов модел на екстерното тестирање. Тоа ќе значи дека сегашниот начин на тестирање ќе биде ревидиран, целосно ќе се исчистат сите негативни работи, а казните ќе се намалат – информира Неделков
Во однос на нашите барања кога го отпочнавме штрајкот, оваа спорна за нас одредба беше поставена како приоритетно барање на прво место и нашиот став по ова барање е јасен и недвосмислен: укинување на казните и наградите на наставниците поврзани со резултатите од екстерното тестирање. Дозволете ни уште еднаш да укажеме на важноста од укинувањето и апсурдноста на системот на награди и казни кој се темели на погрешна основа и низ компаративна анализа да докажеме дека ваков систем на екстерно оценување и ваков систем на награди и казни кои произлегуваат од екстерното оценување во светот не постојат.
За да имате поцелосни информации и да укажете на фактите кои надлежните треба да ги чујат, кога ги браните нашите интереси, Ве молиме да предочите на следното:
Екстерните проверки се дел од многу образовни системи. Ваквиот модел на проверка е еден од начините да се добие јасна слика за степенот на исполнување на стандардите во образованието. Овие проверки ги спроведува државата (преку надлежни министерства или испитни центри) или се дел од меѓународни проекти (PISA,TIMSS,PIRLS) и тие се показател на знаењата на учениците од одредени научни дисциплини. Резултатите од екстерните проверки служат за пронаоѓање на слабостите во еден воспитно образовен систем, изнаоѓање нови, поефикасни образовни модели и креирање политики кои ќе водат кон подобрување на квалитетот на образованието.
Македонија за првпат беше дел од меѓународно тестирање во 2000г. во рамки на проектот PISA (Programe for International Studen Assessment) кој опфаќа ученици на возраст од 15 год. На ова тестирање нашите ученици (од областа на природните науки, математика и оспособеност за читање со разбирање) покажаа слаби резултати. Во 2015 г. повторно нашите ученици ќе бидат дел од вакво екстерно меѓународно тестирање.
Веројатно слабиот успех на нашите ученици беше причина да се воведат националните екстерни тестови како една од можностите за воспоставување на контрола на квалитет во образованието. Во оваа пригода,ќе се осврнам на неколку образовни системи во кои години наназад се спроведуваат екстерни тестови од страна на државата.
САД веќе 20 години имаат искуство со (Output-standards) екстерни тестирања на учениците (Previšiċ,2007:121) и според анализите од американското искуство (Lind,2004, Amrein I Berliner,2002), ваквиот начин на проверка се покажал како неефективен. Најмногу приговори се однесуваат на конструкцијата на тестовите и мерните инструменти, а особено на тоа дека знаењата за стварноста се редуцираат врз мерливи знаења, дека компетенциите се осиромашуваат за оние димензии кои не се објективно мерливи.
Англискиот образовен систем е комбинација од input и output ориентација. Тоа подразбира посветување подеднакво внимание и на интерните проверки и следење на постигањата на учениците во текот на училишната година, но и национално спроведување на тестирање. Наставниците укажуваат дека националните тестирања не се доволни за целосно вреднување на постигнувањата на учениците. Честите проверки предизвикуваат стерсни ситуации кај учениците. (Whitburn,2000,31, според Previšiċ,2007: 130) Стандардите се насочени кон она што ќе биде тестирано и предизвикуваат „учење за тест“ што сосема ја губи целта заради која постои екстерната проверка.
Во Р. Финска, националното тестирање се однесува само за учениците во последната година од основното образование. Притоа, нивните ученици веќе десетина години наназад се на првите места според резултатите на меѓународните тестирања.Битно е да се напомене дека на меѓународните тестирања, нивните ученици не се на првите места според покажани готово усвоени знаења, туку според начин на решавање проблем ситуации.
Во Р. Словенија екстерното тестирање од страна на државата се спроведува на крајот од првиот, вториот и третиот тригодишен образовен период. Значи на крајот од трето, шесто и девето одделение. Резултатите од тестирањето имаат формативна улога. Тие, главно служат како увид во степенот на знаења на учениците од одделни предмети (а се тестираат мајчин јазик, математика и најчесто странски јазик) и да се креираат образовните политики за средно образование.
И покрај слабите резултати на меѓународните тестирања (PISA-2001,2002,TIMSS-1995), Германија нема спроведувано екстерни тестови на национално ниво, но сите расположиви човечки ресурси ги има екипирано за определување на образовните стандарди со кои ќе се осигурува на квалитет во образовниот систем.Користејќи ги искуствата од Германија и Австрија го јакне образовниот систем со определување стандарди (за сите подрачја) без да воведе национално екстерно тестирање.
Во сите образовни системи во кои се спроведува екстерно тестирање на учениците на национално ниво, во Европа и САД, резултатите служат како показатели за одредени слабости или како насоки за креирање нови образовни стратегии за развој на образовните системи. Никаде, одговорно тврдиме, НИКАДЕ тие резултати не се показател на работата на наставниците и не се основа за определување на платата на наставниците. Во сите образовни системи во кои се спроведува екстерно тестирање има критики токму заради начинот на кој се изработуваат и подготвуваат овие тестови. и не можат да бидат мерило и веродостојна проверка на годишната оценка која е резултат на знаења, умеења, способности, вештини, проектни активности, успеси на натпревари, ставови,залагања, особини (одговорност, совесност, чесност, хуманост…).
Изминатите десетина години, имавме обуки со посебна тема:оценување на учениците. Блумовата таксономија (според насоките на советниците од БРО) е одамна вградена во тестовите со кои вршиме интерни проверки на учениците. И замислете, екстерен тест со 30 однапред дадени прашања, со препознавање точен одговор (според Блумова таксономија, за оние што не знаат, тоа е оцена Доволен 2 зашто е на ниво препознавање или репродукција, народски кажано папагалско знаење) и врз основа на резултатите од истиот ученикот добива оценка во свидетелство (која најчесто не е реална) а наставникот добива отстапки од онаа годишната и автоматски реперкусии по неговата плата која ќе се намали за 15% во траење дванаесет месеци.
Системот на награди и казни (осмислен единствено кај нас) заснован врз резултатите од екстерните тестови, е причина повеќе да укажеме дека вака осмислените прашања на екстерните тестирања, се научно погрешни (за ова ќе Ви го испратиме интервјуто со Проф. Малчески) и во пракса прават огромни штети врз крајниот успех на учениците кој најчесто е пресуден при избор на понатамошното школување. Ние како наставници, не смееме да си дозволиме молкум да аминуваме вакви законски измени кои нанесуваат штета на учениците.
Системот на казни и награди, заснован врз резултатите од екстерните тестови, е нелегитимен (иако на нетранспарентен начин озаконет) и целосно неприфатлив за нас наставниците. Во таа смисла, г-не Неделков, Ве потсетуваме дека Ваша должност е да ги пренесете наши цврсти ставови и определби дека за ова прашање не може да стане збор за намалување туку за целосно укинување на казните и наградите поврзани со резултатите од екстерните тестови.
Системот на професионален и кариерен развој на наставниците, чл.6,7,26,27,28,29,30 се засновани врз резултатите од екстерното тестирање и како такви го губат легитимитетот. Овие членови од новиот Закон за наставници во основните и средните училишта за нас се неприфатливи.
Казните кои не се поврзани со резултатите од екстерното (заради нецелосно водење документација и сл.) гледаме има најава да бидат смалени и она што како бројка го гледаме е некаде околу 40% од платата на наставниците. Ве молиме да ги истражите другите образовни системи во тој дел и да дејствувате со аргументи на тој начин штитејќи ги напите интереси најдобро што можете.
Сакаме на средбите кои ги имате со претставниците од МОН да укажете на итната потреба од создавање национално тело кое би ги осмислувало програмите за професионален развој на наставниот кадар, со добро осмислени обуки и семинари. Ние не се согласуваме наставниците кои се дел од училишната пракса да полагаат лиценца (никаде не е пропишано дали има време на важност),туку низ семинари да ги јакнат наставничките компетенции. Но затоа сметаме дека се неопходни измени во студиските програми на факултетите кои образуваат наставни кадри во делот на зголемување на наставни часови по практична настава и истражувачки проекти. На тој начин ќе имеме наставници компетентни за реализација на настава на 21ви век.
Г-не Неделков,
Во интерес на враќање на доверба во системот за воспитание и образование и во синдикалното раководство кое во изминатите 20 години не успеа да ги заштити интересите на просветните работници во Р. Македонија, Ве молиме да ги поставите нашите барања:
1. Ставање на новиот Закон за наставници во основното и средно училиште вон сила, сé до конечно усвојување на новите решенија кои ќе произлезат врз основа на темелна анализа на состојбите во образованието и отворање широка јавна дебата во која ќе земат учество сите релевантни стручни кадри (особено практичари од основното и средно образование)
2. Целосно укинување на казните и наградите кои се резултат од екстерните тестови.
3 Да се направи длабока компаративна анализа (со другите европски образовни системи) на начинот на осмислување и реализирање на екстерното тестирање и да се прецизира во кој период од школување ќе се реализира, а не како до сега во сите години за учениците од трето одделение до четврта година средно образование).
4 Целосно да се ревидира начинот на создавање прашања за национален тест (екстерен) кој ќе ги исполнува научните законитости и ќе биде во согласност со насоките дадени од БРО со примена на Блумоива таксономија за оценување по нивоа на знаење.
5. Оценките од екстерно тестирање на учениците, не смеат да влијаат врз успехот на учениците и да го оштетат ученикот на било кој начин. Тие не се валиден и веродостоен показател на знаењата, а да не говориме за сите други елементи кои ја чинат годишната оценка. Во таа крајна оценка влегуваат знаењата, способностите, вештините, воннаставни активности и постигнувања (од натпревари), проектни активности, истражувачки проекти, залагања, ставови, вредносен систем, карактерни особини (одговорност) и.т.н.
6 Да се ревидира системот на професионален и кариерен развој на наставниците и да се исфрлат законските одредби кои го поврзуваат овој систем со резултатите од екстерното тестирање.
7. Отворање широка јавна дебата во која ќе земат учество сите стручни лица од сите нивоа на образовниот систем, учесници во образовниот процес (ученици, родители), граѓански здрженија, асоцијации кои можат да дадат придонес кон креирање образовни политики засновани врз принципот на демократско образование.
Со оваа наша анализа и аргументите кои ги изнесовме, искрено се надеваме дека ќе дадедме придонес кон надминување на дилемите дали Законот за наставници треба да се стави вон сила и да се пристапи кон изготвување нов Закон од кој ќе произлезат корисни решенија за сите учесници во воспитно – образовниот процес.
Образовниот систем, само ако е заснован врз демократски вредности може да ја исполни задачата заради која постои: градење луѓе подготвени за живот во новиот милениум, но пред сé луѓе кои ќе работат за општо добро на општеството.