ХОХО ЛОЛ – ЦАРОТ Е ГОЛ!

Од:

Постои на интернет едно мошне популарно мрежно место наменето за размена на видео материјали, познато под називот Јутјуб. Токму таму, извесен Хохо Лол објавил две кратки видеа во кои Груевски и Заев разговараат за „пучот“, односно за некакви документи прибавени од странски разузнавачки служби. Во манирот на хумористичните прилози своевремено познати како „Скриена камера“, првиот, кој очигледно знае за тајното снимање (два пати дури и ѕирка кон скриената камерата), со јасен и разбирлив глас (за поквалитетна аудио снимка, се разбира) го распрашува вториот за потеклото на некакви сознанијаа и го наведува да признае дека се работи за странска разузнавачка служба. И оп! Тука снимката завршува. Нема смеење, тапкање по рамења и покажување кон скриената камера, во смисла дека сé било шега, дека сé било без задна намера. Очигледно е дека во конкретниот случај, ѓаволот ја однел шегата и дека се работи за фингерај, или кај нас, попознат како класична местенка.

Од она што како пристојно информиран граѓанин го знам за парламентарната демократија, е дека опозицијата може, треба и мора да биде коректив на власта. А тоа подразбира постојано следење на сите нејзини потези и континуирана критика (оцена) на сите активности на власта. Во таквата политичка борба, двете страни мора да бидат колку што е можно порамноправни, односно целиот процес би требало да биде максимално избалансиран во смисла на подеднаков пристап до информации, до медиуми, до судски одлуки, до тендерски процедури, до буџетски расходи, до парламентарна дебата и слично.

Арно ама, во нашиот случај не ќе да е така. Имаме „ногирана“ опозиција (24. декември 2012 година) која сеуште е вон Парламентот, имаме целосна владина контрола врз медиумите, имаме целосно партизирани судство и обвинителство, имаме теледиригиран парламент, имаме нетранспарентно трошење државни пари и имаме многу, многу популизам во режија на власта. Според која, за сé лошо во државата, виновна е предавничката соросоидна опозиција. Да бидеме начисто – мене лично апсолутно ми е сеедно дали лидерот на опозицијата кога оди кај премиерот в џеб носи „бомби“, петарди или „јо-јо“ бонбончиња. Врз мојот живот, егзистенција, статус и перспективи, не влијааат постапките на опозицијата, туку на оние што носат закони, решенија и одлуки. А тоа е Владата и никој друг освен Владата. Ама ич не ме засега дали Заев соработува со странски безбедносни служби или со Ѓаволот лично и дволично, дали краде, лаже, по тавани спие и вошки има, дали треба да биде во затвор или на Хонолулу, дали си го чепка носот или јаде со отворена уста. Мене ме засега и ме интересира она што ни го прави Владата.

А нашата Влада, во две интермеца меѓу упадот во универзитетската автономија и скратувањето на хонорарите, тајно си снима разговори и тоа во режија на премиерот. Кој се јавува и како водител и како конфернансие. И како Хохо Лол, се разбира. Со тоа, новата барокна зграда во стиропор верзија на некогашниот Це-Ка, практично е претворена во фото-видео студио во кое наивен влегуваш, кадросан излегуваш.

Па, каде го има ова? Некако спонтано на ум ми паѓа легендарниот хрватски спортски коментатор, Младен Делиќ, кој на еден фудбалски натпревар од пред 30 и кусур години меѓу некогашна Југославија и Бугарија, во силна еуфорија извика: „Луѓе мои, што е ова, ова е лудница!“

Ако и најголемите скептици досега имаа дилеми во демократскиот капацитет на нашата влада и во диктаторските афинитети на нејзиниот предводник, мислам дека по последната епизода „Студио Груевски“, веќе ги немаат. Човекот не се воздржува ни од јавна манифестација на кривично дело, бидејќи тајното снимање разговори и нивното ѓоа случајно лиферување на Јутјуб мрежата, е токму тоа. Човекот не се воздржува ни од јавна бламажа на сопствената држава, бидејќи сите странски државници, од шефови на држави, преку премиери и министри, па сé до амбасадори, кои сите изминати години продефилирале низ неговиот кабинет, од вчера се соочуваат со Хохо Лол. Односно со можноста да се појават на Јутјуб сосе сите доверливи или помалку доверливи разговори со нивниот домаќин.

Мојата чудесна земја, од вчера е мојата луда земја Македонија.

Гордана Попсимонова, универзитетски професор

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска