Јавниот обвинител на Индонезија Прасетјо денеска соопшти дека во оваа држава ќе продолжи егзекуцијата на осудениците на смрт, меѓу кои најбројни се нарко дилери. Пред одредот за стрелање овие денови ќе бидат 11 осуденици, меѓу кои и двајца австралиски државјани.
Единствена, но речиси неверојатна, можност за одлoжување на извршувањето на смртната казна е Врховниот суд да ја усвои молбата за обнова на процесите предадена од групите за човекови права.
Минатиот месец во Индонезија беа извршени шест смртни казни. Меѓу стреланите беа и пет странци.
Поради одбивањето на молбите за помилување на нивни државјани Бразил и Холандија ги повлекоа своите амбасадори од Џакарта. Австралискиот премиер Тони Абот изјави дека се надева претседателот Јоко Видодо да ги помилува двајцата осуденици од Австралија, но додаде дека и евентуалното извршување на смртните казни нема да ги наруши односите меѓу двете држави.