Бродови на индонезиската морнарица и нуркачи од вчера ја продолжија потрагата по телата на патниците што загинаа во несреќата на авионот на Ер Азија, кој на 28 декември се урна при летот од Сурабаја до Сингапур. Во настраданиот авион имало 162 патници и членови на екипажот, а по телата на 86 жртви се уште се трага.
Потрагата по жртвите е проширена и кон островот Сулавеси, каде што рибари во саботата пронашле тела на лица со документи кои укажуваат дека и тие биле патници во авионот што го погоди несреќата.
Претставник на индонезиската армија, чии припадници минатата среда се повлечени од потрагата, изјави дека бродовите што трагаат и 67 нуркачи се доволно стручни за продолжување на операцијата.
Денеска медиумите во Џакарта и Сингапур пренесоа изјава на експерт близок до тимот што ја врши истрагата за причините на падот на авионот на Ер Азија. Според него, авионот летал со авто-пилот, а капетанот не бил во кабината. Копилотот не успеал да се снајде кога авионот влетал во густи облаци, а интервенцијата на капетанот веќе не можела да го спаси авионот од уривање.