Џихадистичката група Исламска држава го уби јапонскиот заложник Кенџи Гото, соопштија британските медиуми, повикувајќи се на американскиот центар за следење на исламистите на интернет SITE.
Јапонската влада рече дека се обидува да ја провери автентичноста на видеото, на кое се гледа човек со качулка како стои до друг маж – кој наводно е Гото – со нож потпрен на неговото грло. Потоа се покажува снимка со тело врз кое е ставена глава.
Обраќајќи се кон јапонскиот премиер Шиндзо Абе, џихадистиот вели: „Заради несфатливата одлука да се вклучите во војна која не можете да ја добиете, овој нож не само што ќе го убие Кенџи, туку, исто така, ќе продолжи да пролева крв насекаде каде ќе најде ваши луѓе. Нека почне кошмарот за Јапонија“.
Американските медиуми забележуваат дека синоќа лиферуваното видео покажува борец со британски акцент, кој го убива јапонскиот новинар.
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, го осуди „варварското убиство“ на јапонскиот новинар, пренесе ТАСС.
Егзекуцијата на Гото ја осудија и американскиот претседател Барак Обама и неговиот француски колега Франсоа Оланд.