Словачкиот национален гасен оператор „Еустрим“ планира во следните две недели да потпише меморандуми за разбирање со компании од Бугарија и Романија за изградба на гасовод, кој би требало да ја намали зависноста на балканските земији од руски гас.
Како што објави романскиот весник „Гандул“, „Еустрим“ предлага дистрибуција на гас за Балканот преку постоечките гасоводни системи на Словачка во Украина, кон кои би требало да се поврзе нов гасовод низ Романија и Бугарија.
Поддржувачите на ваквиот проект велат дека изградбатра на гасоводот ќе овозможи земји како Бугарија и Србија да добиваат гас, дури и ако Русија ја запре испораката на енергенсот преку Украина, наведува весникот.
Во последните 10 година Русија во три наврати ја запре испораката на гас преку територијата на Украина, по што без енергенсот останаа и потрошувачите во другите европски земји, а пред се во балканските, кои речиси целосно се зависни од рускиот гас.
Според планот на „Еустрим“, изградбата на новиот балкански гасовод би чинела меѓу 750 милиони и 1,2 милијарди евра, во зависност од избраната траса. Гасоводот со должина од околу 570 километри би имал капацитет за пренос до 20 милијарди кубни метри гас годишно од Русија, но и од западните земји, кон Балканот.
Првиот човек на „Еустрим“, Томас Марачек изјави дека неговата компанија ќе биде носечки столб на проектот, но кон него како акционери можат да се приклучат и други заинтересирани компании, наведувајќи ги како можни партнери австриската ОМВ и француската „Гас ду Франс“.
– Покрај руски гас, новиот гасовод би можел да дистрибуира гас и од терминалот во Австрија или од алтернативни извори од Каспиското и Средоземното Море. Ваквиот гасовод ќе ги направи Европа и целиот балкански регион помалку зависни од Русија, нагласи Марачек.