Североистокот на САД погоден од силна снежна бура

Од:

Американските сојузни држави во североисточниот дел на земјата се тешко погодени од силна снежна бура, која и натаму трае, при што на места снежната покривка достигна до 90 сантиметри, јави ДПА.

Предупредувањата за бура остануваат во сила во крајбрежните региони на државите Масачусетс, Мејн, Њу Хемпшир и Роуд Ајленд.

Бостон, каде снежната покривка достигна 50 сантиметри, очекува наврнување на уште 30 сантиметри снег.

Околу 35 илјади лица во Масачусетс се без струја поради обилните снежни врнежи и силниот ветер.

Во повеќе делови на државата линиите за пренос на струја се прекинати поради замрзнување или натрупување на снег. Повеќе крајбрежни градови во Масачусетс се поплавени.

Во Нантикет, мал остров покрај бреговите на Масачусетс, каде ветровите достигнаа брзина од 120 километри на час, сите 13 илјади жители останаа без струја, а централните градски региони се поплавени.

Останува во сила забраната за патување во источниот дел на Масачусетс и покрај тоа што властите на Њу Хемпшир и Мејн ги укинаа ограничувањата во сообраќајот.

Во меѓувреме животот се нормализираше во Њујорк и Њу Џерси, каде бурата беше послаба од очекуваната.

Во Њујорк забраната за патување беше укината, а движењето на градскиот сообраќај беше обновено. Патиштата, мостовите и тунелите повторно се отворени, а метрото, автобусите и возовите превезуваат патници.

Националната метеоролошка служба го укина предупредувањето за снежна бура во регионот на Њујорк, но останува во сила предупредувањето за зимска бура и се очекува кон сегашната снежна покривка од 20 до 30 сантиметри, да наврнат уште два до пет сантиметри снег. Училиштата и државните згради остануваат затворени.

Забраната за патување е укината и во Њу Џерси и делови на Конектикат.

На трите главни аеродроми во Њујорк вчера беа откажани над 2.700 летови.

Би можело да ве интересира

Рјабков: Русија ќе го натера Вашингтон да стресе и да замолчи

Америка потврди: Им дадовме зелено светло, можат да нападнат

ВИДЕО: Невремето „Берт“ ја однесе првата жртва во Британија, илјадници без струја во Ирска

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Силното невреме направи штети во Битола, Штип и Охрид, се санираат последиците

Катерина Ѓуровски

Невремето без струја го остави целиот дебарски регион

Предраг Петровиќ

Силниот ветар однесе и дел од покривот на штипското училиште „Коле Нехтенин“

Предраг Петровиќ