Екипата МЗТ Скопје Аеродром го претрпе 13-тиот пораз во регионалната кошаркарска АБА лига, откако попладнево на гостувањето во Загреб, загуби од Цедевита со 81:70.
МЗТ Скопје само во првата четвртина одигра на посакуваното ниво, па по воведните десет минути имаше и предност од 23:21. Во вториот период загрепчани ја засилија одбраната и на полувремето заминаа со 10 поени предност 48:38. Домаќинот во вториот дел рутинирано ја одржуваше предност и на крајот славеше победа со 81:70.
Во редовите на македонскиот шампион, најефикасен беше Диксон со 26 поени, а двоцифрен број на поени постигнаа уште Сеад Шеховиќ и Александар Цветковиќ, двајцата по 12.
По овој пораз МЗТ Скопје останува 12-ти со 6 победи и 12 порази, пред Игокеа која има победа помалку, но и натпревар за одигрување, и тоа вечерашниот во Белград против Партизан.