Во раните утрински часови по сокаците на беровското село Ратево започна овогодишното издание на традиционалниот карневал „Бамбурци“.
Карневалската церемонија започна со довикување на учесниците и нивно облекување со маски, изработени од кожа и опашани со појаси наредени со клапки, звонци и прапорци. Тие гостите и намерниците што доаѓаат во селото ги пречекуваат со зборовите „Добре дошли у Ратево на Бамбурци„ при што им ги црнат лицата со саѓи.
На денешниот карневал во Ратево, е најавено учество на повеќе групни маски од Малешевијата и Пијанец, како и од Тиквешко, Струмичко и Прилепско.
Во ревијалниот и во натпреварувачкиот дел на годинашново издание на „Бамбурци„ со групни маски ќе се претстават и гостински екипи од соседните Републики Србија и Бугарија, со што ратевскиот карневал добива интернационален карактер. Групи за учество на карневалот се пријавени од Лесковац, Шабац и Нови Сад од Србија и од Благоевград, Перник и село Микрево од Бугарија.
Напладне сите учесници ќе се соберат на селскиот мегдан,каде ќе бидат прогласени добитниците на наградите, по што е предвидена богата културно-уметничка програма и заедничка јованденска трпеза.