Околу 120 граѓани годинава ќе се обидат да го фатат светиот крст што утре точно напладне во водите на реката Вардар во Скопје ќе го фрли архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан по повод големиот христијански празник Богојавление-Водици.
Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа и се верува дека тој што ќе го фати ќе го следи благослов и среќа цела година. Празникот се слави уште од вториот век и е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител. Овој празник се нарекува уште и Водици, заради големиот водосвет, што го извршува Црквата на овој ден.
Меѓу пријавените кандидати има граѓани кои со децении скокаат по светиот крст, но и такви што досега никогаш не присуствувале.
Василевата литургија ќе почне во 9 часот во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје, по што поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан заедно со свештенослужителите и верниците со литија ќе се упати кон мостот кај хотелот „Холидеј Ин“, каде ќе ги освети водите на Вардар.
Директен пренос од целата церемонија ќе вршат МТВ и Сител. Екипите на Црвен крст ќе обезбедат тимови за прва помош, спасувачи и чамец со спасувачи во вода. Од Црвениот крст препорачуваат капачите да носат соодветни обувки кои ќе ги заштитат од евентуални повреди, да не конзумираат голема количина на алкохол и да не влегуваат прерано во водите на Вардар со цел да се избегнат хипотермички удари од студ.
Освен во Скопје, крстови ќе бидат фрлени и во водите низ останатите градови во државата, а голема масовност се очекува во Охрид. Годинашни кумови се балканската музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ и македонскиот бизнисмен Зоран Милески.
Се верува дека со фрлањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити. Со Водици завршуваат т.н. Некрстени денови.
Богојавление (Водици) – 19 јануари, согласно Законот за празници на Република Македонија, е неработен ден за верниците од православна вероисповед.