Борците од групата Исламска држава треба да бидат уништени, изјави денеска францускиот министер за одбрана Жан-Ив ло Дриан, додавајќи оти Париз ќе го продолжи учеството во воената операција против ИД во Сирија и во Ирак.
По САД, Франција учествува со најголем број авиони и војници во составот на коалицијата против ИД. Покрај тоа околу 3.500 француски војници оперираат во реонот на Сахел и Сахара против исламистите, поврзани со Ал Каеда.
– Пред две години Франција се вмеша во поранешната колонија Мали и сега Франција се соочува со истата закана, но не на своја територија. Тое е истиот непријател. Нашите сили се распоредени таму, бидејќи за нашите војници тоа е иста битка. Одговорот е во Франција и надвор од неа. Исламска држава е терористичка армија со борци секаде… Таа е меѓународна армија, која треба да биде елиминирана и тоа е причината зошто сме дел од коалицијата, посочи Дриан
Во францускиот Парламент денеска ќе се гласа за продолжување на воената мисија на Франција во Ирак, четири месеци по нејзиното отпочнување.