Mакедонското друштво „Илинден“ од Тирана од името на сите Македонци во Албанија по повод празникот Божик упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија г.г. Стефан и до сите православни верници.
– Божик е празник кој секој христијанин го дочекува во кругот на семејството радувајќи се и славејќи го животот. И оваа година Божик нека биде инспирација сплотени со отворени срца и чиста мисла да помислиме на сите оние на кои им е потребна материјална и духовна поткрепа и безрезервно да им ја понудиме нашата помош и поддршка. Дозволете уште еднаш да посакам во срцата на сите верници да се всели мирот и спокојството, радоста и разбирањето и да продолжиме да даруваме безусловна љубов и почит кон ближните. Нека е честит празникот и за многу години. Христос се роди, стои во честитката на „Илинден“.
Христовото раѓање се слави насекаде во Албанија каде што живеат Македонци. Во духот на македонските обичаи и традиции, разменувајќи си желби за здравје. среќа, мир, благосостојба голем број Македонци присуствуваа на свечените литургии во областите Мала Преспа, Голо Брдо, Врбик, како и Корча, Билишта, Подградец, Елбасан и Тирана.
На сите ним свештениците им даруваа осветени бадникови гранчиња поздравувајќи се со Христос се роди – навистина се роди.