Општина Куманово и оваа година организира заеднички пречек на Новата година на градскиот плоштад за што од буџетот одвои 300.000 денари, информираат од Секторот за култура.
– Новогодишната прослава започнува во 21 часот со настап на локални бендови и пеачи. Кумановци ќе ги забавува и групата „Регина“ од Босна и Херцеговина. Нивниот настап е предвиден да почне во 23 часот и ќе трае до 1 часот, изјави Жика Крстевски, раководител на Секторот за култура.
Тој посочи дека на полноќ како и секоја година предвиден е традиционален огномет, а на присутните граѓани ќе им се обрати градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамајновски.
Од Секторот за култура очекуваат граѓаните организирано да ја прослават новогодишната ноќ на градскиот плоштад и покрај студеното време.