Македонскиот претседател Ѓорге Иванов и специјалниот посредник на ОН во разговорите за името Метју Нимиц синоќа имаа едночасовна средба во просториите на македонската мисија во ОН.
Нимиц по средбата потврди дека одвоено се сретнал и со грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос. Информираше дека и од двете страни слушнал дека сакаат да ги интензивираат разговорите и оцени дека тоа е добро, затоа што разговорите биле прилично забавени во последните години од разни причини.
Нимиц кажа дека со преговарачите разговарал за тоа дали процесот може да се придвижи кон наоѓање на решение. Призна дека спорот предизвикува голема фрустрација кај меѓународната заедница и регионот и кажа дека Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун е особено заинтересиран за прашањето.
„Тој ми даде силни инструкции да видам што може да се направи за да се донесат двете земји поблиску до решение.“, рече Нимиц.
Посредникот на ОН најави е дека е можно е интензивирање на разговорите меѓу двете земји во наредните месеци.
На прашање на Гласот на Америка на македонски да го коментира обраќањето на претседателот Иванов на Генералното собрание во кое побара сите земји-членки на ОН да ги почитуваат одлуките на Меѓународниот суд на правдата, Нимиц оцени дека тие треба да бидат добро проучени и опсервирани.
„Одлуката на Хаг се однесува на други аспекти, а мојата улога не е поврзана со овие прашања. Но, очиглено, Меѓународниот суд на правдата е една од големите светски институции, и нивните пресуди заслужуваат да бидат почитувани“, рече Нимиц.
Во изјава за медиумите по средбата со посредникот на ОН, македонскиот претседател Иванов кажа дека „Нимиц лично од господинот Бан Ки-мун добил задача да ги интензивира средбите“ и најави дека „многу скоро ќе има нова средба со Јолевски и Василакис“.
„Нимиц вели дека во изминатиот период имаше многу одлагања, со процесот на изборите кај нас и кај нив. Тој вели дека сега имаме лична заинтересираност од самиот генерален секретар, што на некој начин е притисок за самиот Нимиц да го држи овој процес во поголема динамика“, кажа Иванов.
Македонскиот претседател оцени дека со текот на времето, преговорите излегле од рамката поставена со резолуциите на ОН и Времената спогодба.
„И Нимиц е свесен за тоа, дека ова го оптоварува целиот процес, бидејќи во Резолуцијата 817 стои чиста формулација – разговорот за разлика околу името. А ние во овие 20 години отворивме прашања кои влегуваат во сферата на идентитетот, името на нацијата, јазикот, топоними“, рече Иванов.
Прашањето повеќе и тежи на Македонија отколку на Грција, мисли македонскиот претседател: „Со ова прашање се блокирани нашите стратегиски цели и нас тоа не оптоварува. Грција нема никаков товар од тоа. Не чувствува потреба да го стави на врв на агендата ова прашање“.
Грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос во своето обраќање пред 67-мото Генерално собрание реагираше на она на македонскиот претседател.
„Прашањето за името на поранешната југословенска република Македонија е поголемо од неговата семантичка диманзија и е важен дел од мозаикот на смирување на иредентистичките тенденции и обидите за фалсификување на историјата на нашиот регион. Бев информиран за тоа што го кажал претставникот на поранешната југословенска република Македонија денес во генералното Собрание. Искривувањето на реалноста пред целата меѓународна зааедница и користењето на реторика од 19 век во 21 век е контрапродуктивно и не не` води никаде. Популизмот и национализмот се најлошата можна комбинација за било чии национални интереси и за стабилноста на регионот.
Грција верува дека решението лежи во фер договор. Едно име со географска одредница, бидејќи Македонија е географски регион во кој се содржани териториите на три држави, најголемиот дел е на Грција, потоа Бугарија и БЈРМ. Секако, името мора да биде во употреба за сите –ерга омнес“, рече Аврамопулос.
Грчкиот шеф на дипломатијата фрли поглед и на тоа што би се случило откако прашањето би се решило: „Кога ќе го решиме ова прашање, ќе имаме можност да го оствариме огромниот потенцијал на нашите односи, на наша взаемна полза, и Грција ќе биде најсилен сојузник и пријател на поранешната југословенска република Македонија и нејзин пријател во реализирањето на евроатланските аспирации.
На крајот на краиштата, Грција е најважен економски партнер со големо присуство на грчките компании кои работат во БЈРМ“.
Јане Бојаџиевски, Глас на Америка на македонски