Потфрливме во првата четвртина и во скокот во одбрана. Се договоривме да имаме контрола, ама не успеавме и така влеговме во нервоза. Практично во 10 минути го загубивме натпреварот. Имавме премногу промени во составот и се надевам дека во овој состав ќе го завршиме првенство и со тоа ќе имаме повеќе време да се уиграме во одбраната и во нападот, изјави тренерот на „металците“ Боби Митев по натпреварот синоќа во кој македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром го претрпе и 10. пораз во АБА лигата и загуби на гостувањето кај Задар (74:69).
Новото засилување кај МЗТ Скопје, Предраг Самарџиски го одигра третиот натпревар во дресот на „металците“ и беше најдобар со 20 поени и 11 скокови.
– Слично како и против Звезда му дозволивме на ривалот да направи разлика од 20 и повеќе поени, а тоа е тешко да се стигне. Се обидовме да се вратиме, но останавме без сила и концентрација. Задар имаше премногу офанзивни скокови (13) и така доаѓаше до „отворени“ шутеви. Имавме три натпревари и патување, работиме во од, но покажавме дека можеме да играме против секој, вели Самарџиски.
Следниот натпревар кошаркарите на МЗТ Скопје го играат во 2015 година на 4. јануари (недела) во Скопје ќе гостува Будуќност.