Централниот совет на Демократскиот сојуз на денешната седница оценил дека актуелните политички состојби во државата наметнуваат потреба од интензивирање на дијалогот меѓу партиите од власта и опозицијата.
– Неопходно е тој процес да биде транспарентен и да резултира со компромис во интерес на граѓаните и стратешките интереси на Република Македонија. Политичкиот дијалог е неопходен и поради крупните реформи кои се предвидуваат со промените на Уставот, посебно во судскиот систем, отворањето на финансиски зони, ограничување на можноста за задолжување на државата, дефицитот и др. Посебно се значајни и реформите во високото образование, (воведување на државниот испит), здравството и слично, соопшти ДС.
Партијата смета дека реформите мораат да бидат резултат на продлабочени анализи, јавна и аргументирана дебата, вклучување во градењето на конкретните решенија на науката како и сите заинтересирани субјекти, експертската јавност, политичките партии, невладиниот сектор и медиумите.
Во наредната 2015 година за Демократскиот сојуз приоритетните определби ќе бидат насочени кон имплементација на изборната програма на ДС, но пред се, економскиот развој, јакнење на демократските институции и владеење на правото, динамизирање на евро-интеграциските процеси, борбата против корупцијата и слободата на изразувањето и печатот.
На седницата беше обновено и Претседателството на ДС, при што, покрај постојните, за нови членови се избрани Драгана Кипријановска, Даниел Ефтимов, инженер Стојан Ристовски, инженер Звонко Смиљков и инженер Николче Ѓоргевски. За генерален секретар на Демократски сојуз е избрана м-р Верица Филиповска.