Учениците од ООУ „Илинден“ од Крива Паланка изработија најголема еколошка новогодишна елка во Македонија, употребувајќи ја својата креативност и инвентивност.
Елката е висока 4 метри и со пречник од 2 метри, а во нејзината изработка се искористини 2.000 пластични ќеси, хартија за декорација и дрвени летви.
Еколошката елка е дело на учениците од четврто, петто и од седмо одделение од ОУ „Илинден“, а идејата е на креативните наставници Добри Јовевски, одделенски наставник и Елена Таскова, наставник по англиски јазик.
– Секако во изработката имаше соработка и од другите наставници. Покрај изгледот, целта ни беше да направиме и корелација со повеќе предмети. Би ги издвоиле математиката каде во дрвената конструкција учениците ги препознаваа и именуваа правите и аглите, по предметот природа зборуваа за здрава животна средина и во однос на англискиот јазик учениците кажуваа новогодишни термини. Но основната цел беше училиштето да се промовира како Еко училиште и во 2015 година да се закити со Зелено еко знаме, истакнува наставникот Добри Јовевски.Како основа за елката е користена дрвена конструкција, а овој неодминлив новогодишен симбол го краси холот на училиштето.