Партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) предлага да се одложи носењето на законот за високо образование, со цел, според партијата, да се обезбеди широка јавна дебата и да се земат превид аргументите на студентите и професорите.
– Ова е многу сериозен закон кој е многу важен за целото општество и бара длабинска анализа на целиот образовен систем. Зашто, ако постои можност за продукција на лоши кадри и лажни дипломи, тоа е проблем на институциите и на системот. Но, ДОМ не се ссогласува со брзината на носење на законот, наведува во денешното соопштение ДОМ.
Апелира до Министерството за образование и наука да се направи темелна анализа на овој образовен систем, како и евалуација на досегашниот КТС систем, да се укаже на недостатоците и на сите недоследности и да се ревидираат наставните програми согласно со европските. Во спротивно, се вели во соопштението, доколку набрзина се прифати ваква реформа во високото образование, ДОМ е убеден дека тоа нема да придонесе во подобрување на квалитетот на образованието, ќе се наруши интегритетот на професорите и автономијата на универзитетите, а ризикот од несакани ефекти и негативни последици од набрзина донесените промени во високото образование е несомнен.
– ДОМ генерално ја поддржува идејата на МОН за подобрување на квалитетот на високото образование и негово приближување кон образованието на реномираните европски факултети. Добрата намера за унапредувањето на високото образование се огледа во неколкуте ставки во новиот Закон за високо образование и тоа: напуштањето на досегашниот КТС систем и воведувањето на системот 4+2 за додипломски и последипломски студии, воведување на усмен испит во оценувањето на студентите, објавување научни трудови особено со импакт фактор во градење на наставно-научната кариера и обврзно активно познавање на странски јазици…, се вели во соопштението од ДОМ.