Стопанската комора на Македонија очекува и наредната 2015 година да биде тешка, но и покрај тоа македонските компании добро да се снајдат исто како што направија годинава.
– Тековнава 2014 година беше исклучително тешка, а очекуваме и новата 2015 година да биде тешка. Податоците кои покажуваат зголемување на индустриското производство, на вкупната надворешно трговска размена и на извозот се охрабрувачки сигнали дека македонските компании навистина добро се снаоѓаат, но и добро ќе се снајдат и во следната година, рече извршниот директор на Стопанската комора на Mакедонија Јелисавета Георгиева на денешната прес-конференција.
Нагласи дека охрабрува и добрата професиноална комуникација на Стопанската комора со релевантните министерства и со Владата која годинава вродила со плод.
– Нашите конструктивни забелешки и заклучоци по одредени клучни закони за економскиот развој како што се законите за финансиска дициплина и за задолжница беа прифатени. Поголем дел од нив беа инкорпорирани во законите, а очекувам така да биде и во престојната година, рече Георгиева.
Таа посочи дека Комората ќе побара 2015 година да се прогласи за година на конкурентноста во Република Македонија, но и на поширокиот регионот. Тоа, како што истакна, ќе биде изложено на Генералното собрание на Асоцијацијата на балканските комори (АБК) што ќе се одржи во Скопје на 18 февруари идната година кога воедно ќе ја одблележи 93-годишнината од своето основање.
– Сметаме дека сме во фаза кога во следните пет години треба да се работи на зголемувањето на конкурентнсота на македонските производи. Тоа ќе го подигне нивото на конкурентноста на нациналната економија што на среден рок ќе овозможи одржлив економскираст и поголема вработеност, рече Георгиева.
Комората на состанокот во Скопје, додаде, ќе предложи формирање на Конзорциум како меѓународно оперативно тело составено од претставници на министерствата за транспорт, царинските управи и стопанските комори на земјите членки на АБК, со цел овозможување побрз проток на стоки и услуги долж коридорите 8 и 10 со седиште во Стопанската комора на Македонија.
– Во првиот квартал од идната година ќе се заложиме и за отстранување на сите нетарифни бариери во рамките на ЦЕФТА-Договорот, а во Скопје на 17 февруари ќе се одржи регионална конференција на тема: „Прогресивно и ефикасно отворање на пазарот за јавни набавки на земјите потприснички на ЦЕФТА-Договорот“, додека на 22 јануари Конференција за заеднички настап на македонски и турски компании во земјите од северна Африка, појасни Георгиева.
Комората, како што кажа, во првиот квартал од 2015 година ќе се заложи и за подобрување на соработката со Србија, Бугарија и Хрватска.
Србија е четвртиот надворешно-трговски партнер на Македонија и нашиот најголем партнер во регионот, Бугарија е на шестото место од земјите со кои Македонија има најголема трговска размена, а Хрватска е 13-от надоврешно-трговски партнер на земјава во првите десет месеци од 2014 година.