Актери, режисери, продуценти од различни генерации од Македонскиот народен театар, од Драмски, од Факултетот за драмски уметности, претпладнево се собраа пред новиот театар за да тргнат заедно на протестот закажан за денеска и да го искажат своето несогласување и револт од владината мерка со која на сите приходи од хонорари се наплатуваат придонеси во висина од 34 проценти од секој хонорар.
Со оваа мерка ни се убива желбата да бидеме кретивни и работиме повеќе, коментираат тие.
– Во Уставот пишува дека никој не смее да ти ги ограничи токму слободата, желбата, ентузијазмот за креирање. Во самиот старт кога некој ќе ти каже 38 отсто помалку, ти веќе имаш 38 отсто помалку желба да работиш и да креираш. Мене принципиелно не ми е јасно која е логиката и која е поентата сите да седат мирни и да не работат ништо, зашто на крајот на денот, сите работиме и за да можеме да преживееме некако, да работиме и да тераме напред.
– Кога си ограничен во таква рамка, да веќе размислуваш дали воопшто ти се исплати да работиш – тогаш си викаш, па може и да не работиме. Сепак, имаме семејства, треба да се платат сметки и досега не се живееше лесно, а сега ќе биде уште потешко, вели Срѓан Јанаќијевиќ, режисер.
А.Б.