„Прв објавува sdsm.org.mk а потоа текстовите со идентичен наслов и содржина ги преземаат Плусинфо, Нова ТВ, Либертас, А1 он… Вака со месеци наназад изгледа рутината за медиумско покривање на партиските трибини на СДСМ. Медиумите и нивните уредници кои упорно се трудат да создадат слика дека работат независно, истражувачки и професионално, изгледа забораваат на овие принципи кога станува збор за работата на Заев“.
Ова е таканарачената „рецензија“ на Сител телевизија, според која овие медиуми се виновни што пуштиле соопштенија и видео материјали испратени од СДСМ. Сител и новинарот Александар Спасовски се чудат како текстовите биле исти на сите портали, а не му е чудно зошто истите текстови за трибините на СДСМ кои во исто време ги добил и медиумот каде што работи, воопшто не ги емитувале?
Авторот се обидува да исценира некаква соработка и синхронизација на критичките медиуми затоа што пуштале исти текстови од трибините на СДСМ, односно истите соопштенија и видеа кои партијата редовно ги испраќала до сите телевизии и портали во исто време. Дали треба порталите да ги менуваат зборовите на Заев, на Шеќеринска или воопшто да не ги пуштаат? Авторот на овој обид за рецензија спомнува дека се заборавало на истражувачкото новинарство, во контекст на трибините на СДСМ. Што мисли дека треба да се истражува на јавна трибина и во јавно кажаниот збор? Во сета оваа свиткана “сарма“ од нагаѓања, таканаречена рецензија, анализа и промашена тема, останува нејасно дали авторот сугерира дека овие медиуми се виновни зошто ги покриваат активностите на опозицијата и треба да игнорираат како повеќето медиуми се што е против власта? Токму објавувањето во интегрална форма на сите материјали на опозицијата, на владеачката партија, но и на помалите партии кои се испраќаат до редакциите е професионално и независно, за разлика од цензурата која се спроведува во провладините медиуми. Токму таму секој ден може да се слушнат исти нарачани и диктирани од власта текстови кога треба некој да се “спружи на насловна“. Прашањето на кое авторот треба да одговори и да напише рецензија е зошто овој материјал за трибините на СДСМ никогаш не се појавил на провладните медиуми каде бил испратен во исто време и во иста форма како и до порталите за кои зборува?
А1он во секое време доколку постои причина може да ја критикува и опозицијата и лидерот Зоран Заев и власта и секој за кој што мисли дека има потреба. Дали Александар Спасовски и Сител можат да ја критикуваат власта?