Информер – балкански архетип за бесрамен таблиод. Трите одамна дистрибуирани и потоа забранети броеви. Фото: Колаж СПФМ.
Интернетот дава нови можности за притискање до ѕид на индивидуата чии интимности се следат поуспешно и од Орвелово „време“. Некаде тоа завршува со самоубиство, како неодамна во Марибор, или до најниска дисквалификација како во Подгорица. Притоа, сега е уште помалку важно отколку порано дали некоја содржина за дисквалификација е монтирана (измислена) или не. Но, затоа е многу поважно од порано утврдувањето на јавниот интерес и тоа што е навистина јавна личност?
Пишува: Љубомир Костовски
Едно од ѓаволските сознанија по појавата на „Фејсбук“ и на другите социјални форми на поврзување е дека се зголемува и опфатот и изворите на јавно дискредитирање на личностите. Веќе се зема за апсолвирано она дека јавните личности можат да бидат дискредитирани со сите расположиви средства ако тоа го задоволува јавниот интерес, па оттаму и „Фејсбук“ е артилерија која може да се користи (подетално може да се види за оваа тема во архивата на „Сервис за проверка на факти во медиумите“).
СЕКС НА ЈАВНО МЕСТО
За новинарите да не се губат во овој дел од отворањето на прашањето на други моменти, да видиме што е тука важно да се утврди од страна на колегиумот или одговорните ако добијат сознание преку „Фејсбук“, на пример, за некого и тоа претпоставува дека е дел од нечиј „скриен живот“. Прво, би требало да се види дали за тој повод постои јавен интерес да се објавува (реобјавува) и, второ, дали се работи за јавна личност во контекст на содржината.
Навидум е лесно, ама во конкретни животни ситуации тоа и не мора да е така!
Еве неодамнешен пример од Словенија – под притисок на текстови во дел до медиумите, таму на 29 ноември се самоубил директор на училиште. Текстот на истакнатиот новинар Енис Зебиќ е од саботава и тој говори за тоа дека мариборската полиција истражува кој меѓу малолетниците од едно училиште снимил со помош на мобилен телефон и потоа ја пуштил на мрежата „Фејсбук“ снимката од секс меѓу директор на училиштето и една професорка. Снимката предизвикала серија текстови за настанот и иако и обајцата велеле дека се работи за монтажа, ефектот бил никаков: директорот, оженет човек и татко на две деца, се самоубил по шест дена од медиумската кампања, а професорката завршила во болница. Веднаш реагираше Здружението на новинари на Словенија, кое најави покренување на санкции за медиумите кои го експлоатирале видеозаписот.
„Ние го осудуваме однесувањето на медиумите во оваа афера. Сметаме дека тоа е форма на медиумско убиство“, вели Ранка Ивеља, претседателката на Судот на честа. Најави испитување на тоа кој од медиумите го прекршил кодексот на честа и за сензационалистички цели грубо ја крши приватноста на овие две лица. Засега се знае дека тоа го сториле „Словенске новице“ (продаден тираж 68.000 примероци) и комерцијалната „ТВ Планет“ (три пати по две минути пуштен експлицитен секс во програмата).
Изгледа чист случај, ама… Случајот изгледа чист од аспект на непостоење на јавен интерес за тоа што двајца просветни работници, згора и речиси анонимни за тие надвор од училиштето, правеле во својата врска, ако ја имало. Но, учениците, кои некои ги подучил секако, засега анонимно, поддржани од правни експерти, велат дека се работи за евидентен секс во училиште (забележано овде). Значи, користени се простории кои се јавни и тоа од страна на лица кои морале да го зачуваат својот „добар глас“ заради тоа да се одржи односот професор – ученик!
Значи, од еден случај кој навидум е едноставен, добиваме отворена дебата за правните експерти! Да речеме дали и обичниот човек на јавно место станува – јавна личност?
ПОЛИТИЧКА АФЕРА
Вториот пример е навидум едноставен. Тој се случи летоска, ама еве повод да се отвори – тоа е аферата Весна Ќаловиќ. Се работи за позната активистка во НВО-секторот, чии снимки за наводен секс со својот пес го преплавија интернетот. Потоа, во една дебата, на сега забранетиот политички шоу „Впечаток на неделата“ на Оља Бечковиќ еден политичар јавно призна дека лично го ширел филмот низ социјалните мрежи „откако истиот веќе имал 700 отворања“. Се работи за Владимир – Беба Поповиќ од Институтот за јавна политика во Белград, кој за „Блиц“ признава дека се занимава со советување на Владата на Вучиќ по прашања од евроинтеграциите.
Значи, дали ако нешто и без медиумите и јавните личности има голем број (што е тоа, нели?) отворања, тоа е веќе „јавна работа“, па „цитатите“ не се само лесно достапни, туку и не се знае вината (изворот) на „ширењето“ (споделувањето). Послободно толкување пред некоја судска порота за адвокатот на Поповиќ веројатно би одел по линија дека Ќаловиќ е речиси „порно актерка“ во некаков филм каде има секс со животни. Ова би можело да значи барем дека тој би одговарал за ширење на порнографија, ако ништо друго!
Но, дали е Вања Ќаловиќ јавна личност? Ова е важна работа ако на суд споменатиот Поповиќ, во белградските кругови оценет како советник од типот „пауер брокер“, треба да го брани своето споделување содржини!
АНТИКОРУПЦИОНЕРКА
Споменатата е извршниот директор на црногорската невладина организација Мрежа за афирмација на невладиниот сектор (МАНС), економист специјализиран за прашања на корупцијата, поранешен член на Комисијата за следење на имплементацијата на Акциониот план за борба против корупцијата и криминалот, формирана од Владата на Црна Гора. На некој начин таа била избрана личност, особено во последното тело, Комисијата за борба против корупцијата. Сепак, она што таа го прави, под услов да го прави, нели, во приватниот живот, не влегува во никаков контекст со она што го врши во јавната функција.
Оние кои ја бранеа го напишаа следниот (измислен) дијалог (може да се прочитаовде)
Вања Ќаловиќ: „Корумпирани сте и имам докази за тоа.”
Црногорски естаблишмент: „А ти имаш секс со кучиња.”
Вања Ќаловиќ: А што менува тоа во фактите дека имам докази за корупција?”
Проблемот на Ќаловиќ во имагинарна парница со споменатиот Поповиќ секако би била најпрвин дали да се впушта во спор, бидејќи, според експертите, би се признала легитимноста на оваа форма на пресметка со политичките опоненти во општеството, секако и (во случајот) на пресметка на црногорскиот политички врв со онаа која постојано укажува на нивната корумпираност. Таа би влегла, што велат, во мочуриште од кое тешко би излегла. Видеозаписот, според оние кои го гледале, не дава никакви можности да се индивидуализира „актерката“ (згора веројатно и со перика) и тој содржи и следен наслов – „Дали е ова Вања Ќаловиќ?“
НУДИСТИЧКА ПЛАЖА
Индикативно е дека се работи за втор чин на нејзина дискредитација со „сексуални средства“ – најпрвин се појавиле нејзини слики како гола позира на Ада Бојана (гола на нудистичка плажа е нешто неразбирливо за црногорски мерила, белки) а потоа следува и видеозаписот, кој дури е испраќан и на странски амбасади во Подгорица за нејзината наводна зоофилија.
Барем српските медиуми ова го протолкуваа – по признанието на политичкиот советник Поповиќ за својата фејсбук-асистенција – дека опонентите треба да се плашат: ако за нив нема ништо конкретно, ќе се измисли!
Кога во овој текстот користиме замислени дијалози, пред поротата треба да сфатиме дека јавното обвинителство во Подгорица не се брзаше да покрене истрага. Тоа го стори дури на притисок на амбасадите на САД и на ЕУ. Но, засега истрагата нема крај.
Владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) на премиерот Мило Ѓукановиќ смета дека е потребно прво да се утврди веродостојноста на објавените материјали или дали се фалсификат или не, а потоа да се оценува каков е односот на таблоидот „Информер“ (според овој извор).
Овој случај влезе во Извештајот на Унијата за состојбите во Црна Гора и беше оценет како недозволив обид за пресметка со невладиниот сектор. На почетокот на ноември, подгоричкиот Основен суд, на барање на обвинителство, трајно забрани три броја од „Информер“ (кој објави фотографии и текстови поврзани со наводната зоофилија на Чаловиќ), што кај правниците предизвика потсмев – како се забранува веќе растурена содржина (стари броеви!).
Во меѓувреме и Беба Поповиќ и уредништвото на „Информер“, охрабрено со непокренувањето кривични постапки против нив, поднесоа контратужби за лажно пријавување против Ќаловиќ.
Овие два примери секако јасно покажуваат дека се основани барањата, меѓу другото споменати и од овој потписник на еден форум, да се одржи јавно советување на сегментите од правната држава кај нас и претставниците на новинарите и невладиниот сектор, каде прецизно би се одредиле критериумите за дефинирање на јавниот интерес и тоа кој (која) е јавна личност.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).