Фирмата НВСП, газда на „Радио Слободна Македонија“ и на „Златен Канал“ – Крива Паланка, е поврзана со високи структури од власта, бизнисмени и лица кои се инволвирани во работата на два високо влијателни провладини веб-портали во Македонија, „Курир“ и „Нетпрес“
Автори: Мери Јордановска, Владо Апостолов и Сашка Цветковска
Жителите, од година во година, сè повеќе ја напуштаат Крива Паланка, но за егзодусот не е виновна само местоположбата на гратчето лоцирано на 15 километри до бугарската граница. Крива Паланка е дел од административниот регион каде што дури 60 отсто од работоспособните не можат да стигнат до чесна заработувачка.
Третина од жителите преживуваат во сиромаштија, бројот на работни места е ограничен, посебно кај приватниците, а културни и забавни содржини речиси и нема.
Меѓутоа, од Крива Паланка до неодамна зрачеше најпрофитабилната локална, односно регионална телевизија „Златен канал“, која, според податоците на Агенцијата за медиуми, во последните две години има најдобар финансиски резултат од сите локални, односно регионални станици.
Сите приходи доаѓале од реклами, а телевизијата не прикажала трошоци за вработени за плати и за придонеси поврзани со дејноста. За содржините на овој канал ни зборуваа и жителите на малиот град.
„На вестите постојано го гледаме градоначалникот. Мислам дека само на временската прогноза се нема појавено“, на шега вели жител на Крива Паланка.
Нашето истражување покажа дека откако овој медиум го купува компанијата НВСП (која е сопственик и на провладиното Радио Слободна Македонија), кај телевизијата вртоглаво почнуваат да растат приходите. Радиото Слободна Македонија, пак, само за 20 дена успева да оствари приходи од 240.000 евра!
Истражувавме која е ова компанија, кои бизнис и политички моќници се кријат зад неа и кој е нејзиниот интерес да откупува локален медиум што регистрирал загуби.
За пет илјади евра продал телевизија што носи 150.000 евра
Кусо навраќање во историјата на оваа телевизија покажува дека прв газда на „Златен канал“, инаку отворена во 2008 година, е извесен Златко Костадинов. Откако ја отворил телевизијата, таа две години работeла со загуби. Ако се разгледаат извештаите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, се гледа дека „Златен канал“ редовно е на листата медиуми со негативен финансиски резултат на крајот од годината.
Но, во 2010 година се случува пресвртот. Телевизијата добива нов газда – за 5.200 евра, Костадинов ја продава телевизијата на скопската фирма НВСП.
Во наредните години почнуваат да растат и профитите. Агенцијата за медиуми нема податоци за финансиската состојба на „Златен канал“ за 2010 и за 2011 година, но од податоците за годините што следат се гледа дека на локалната телевизија ѝ оди повеќе од добро.
Во 2012 година, овој медиум станува локална телевизија со најдобар финансиски резултат. Според податоците од Агенцијата, таа прикажува добивка од 2 милиони денари, или околу 35 илјади евра.
Веќе следната, 2013 година, нејзината добивка е четирипати повисока – „Златен канал“ прикажува добивка од 11 милиони денари, или повеќе од 120 илјади евра.
Истата 2013 година, оваа телевизија се јавува и на списокот донатори од локалните избори на владејачката ВМРО-ДПМНЕ со 2.452 евра.
Во прилог на високата добивка на „Златен канал“ за 2013 година оди и добивањето на регионалната концесија, па телевизијата почнува да зрачи на поголема територија, односно го добива и Куманово, каде што се сели седиштето, кое претходно е во Крива Паланка. Во моментов, новинарите од Крива Паланка или патуваат во Куманово или работат како дописници од Паланка. Во меѓувреме, медиумот добива и ново име – К3 телевизија.
Инаку, Куманово, општината каде што се сели оваа регионална телевизија е една од четирите општини во Македонија каде што власта ја има опозицијата.
НВСП знае како се прави профит
Фирмата НВСП, сопственикот на „Златен канал“ (сегашна К3), која ја носи оваа телевизија во финансиска добивка, не е позната за пошироката јавност.
Направивме профил на ова друштво за консалтинг, кое се занимава со безброј дејности – преку советувања до медијации, адвокатски услуги, до обезбедување резиденции и простории, дистрибутер на мобилни телефони, а подоцна и сопственик на медиуми.
Приоритетна дејност на НВСП е трговијата на големо со електронска и со телекомуникациска опрема, а поседува и одобрение за вршење промет со оружје, муниција и делови за оружје издадено од Министерството за внатрешни работи. На нивната веб-страница ги пишува сите активности со кои се занимава оваа компанија, но никаде не се спомнува нивната пенетрација во медиумскиот бизнис.
Документите од Централниот регистар говорат дека НВСП е газда и на провладиното Радио Слободна Македонија, кое почна со работа на 11 декември 2013 година.
Читателите веќе знаат дека Радио Слободна Македонија е медиумот од каде што свои емисии имаат или имале водителот од Канал 5 телевизија Миленко Неделковски, авторот на „Јади бурек“ – Јанко Илковски, поранешниот вицепремиер Ивица Боцевски и уредничките во ТВ Сител Славица Арсова-Спасовски и Наташа Мерсовска.
Но, она што малкумина го знаат е дека откако НВСП го купува ова радио, на чија фреквенција претходно зрачеше радиото „Равел“, за само 20 дена прави приходи од речиси 240.000 евра или по 12.000 евра дневно!
Редакцијата на радиото се наоѓа во истата зграда, но на различен кат со неделникот и со порталот „Република“. Тоа е објект кој е сместен веднаш спроти владината зграда на булеварот Илинденска.
Фирмата НВСП, сопственик на кумановската К3 телевизија (поранешен „Златен канал“) и на Радио Слободна Македонија е формирана во далечната 2006 година и нејзин сопственик е скопјанецот Владислав Стајковиќ.
Стајковиќ не е лице од насловните страници, меѓутоа скопскиот естаблишмент добро ги знае неговите релации со луѓето од високите структури во власта и со бизнис-круговите од главниот град.
Тој во моментов е директор на фирмата „Мобико“, каде што газдува Жарко Луковски.
Луковски, освен што е главен-извршен директор на Т-мобиле Македонија, приватно е близок пријател и од неодамна кумашин на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.
Шефот на тајната полиција беше кум на свадбата на Луковски со неговата избраничка годинава.
Стајковиќ се поврзува и со Државна видеолотарија, новата заедничка фирма на македонската Државна лотарија и на австриската Касинос Аустриа, преку која ќе се организира видeолотаријата што неодамна ја најави Владата.
Токму Стајковиќ е член и на Надзорниот одбор на видеолотаријата со која управува познатиот скопски бизнисмен Дане Кузмановски.
Јунаков на оваа приказна има и интересно бизнис-минато. Владислав Стајковиќ, преку НВСП, бил и првиот газда на фирмата за обезбедување имот и лица, популарната СГС, а бил првиот газда и на скопската компанија „Финзи“, која денес под свое го има интернет-порталот „Нетпрес“, еден од најгласните провладини медиуми.
Се обидовме да стапиме во контакт со Стајковиќ, но нашите обиди беа залудни. Разговаравме со Христијан Панев, директор на НВСП, и го прашавме од кои причини компанијата се вклучува во медиумскиот бизнис и колку има инвестирано.
„За тоа ќе мора да разговарате со сопственикот. Дајте ми го вашиот број, ќе му пренесам да ве побара“, ни рече Панев.
Такво нешто не се случи. Прашања поставивме и преку електронска пошта до НВСП, но не ни беше одговорено.
И КУРИРИТЕ БИЛЕ ДЕЛ ОД ТЕЛЕВИЗИЈАТА
Да се вратиме на кумановската телевизија К3 и на нејзината историја како „Златен канал“ од Крива Паланка. Интересно е дека во 2011 година, директор на „Златен канал“ станал скопјанецот Ацо Мисајловски, а годинава заминува од таа позиција.
Колку за потсетување, Мисајловски е човекот што го раководи провладиниот портал „Курир“.
Тој е директор на „Ем медиа“, фирмата која директно и индиректно е поврзана со повеќе информативни портали во Македонија што редовно ги фалат политиките на власта.
Ацо Мисајловски можеби не е толку познат за јавноста, но затоа неговиот брат е познат во политичките кругови. Станува збор за Владо Мисајловски, државен секретар во Министерството за транспорт и врски, поранешен државен секретар во Министерството за надворешни работи и поранешен претседател на младинскиот општински огранок во местото Ѓорче Петров во ВМРО-ДПМНЕ.
Мисајловски директорувал со „Златен канал“ 3 години, а годинава на неговото место е поставена извесна Елена Михајловска.
Со или без Мисајловски, оваа телевизија засега не може да се пожали на неуспеси. Според она што стои на владината веб-страница, таа е една од миленичките на власта за пласирање на владините реклами. Заедно со шесте телевизии со тазе газди, купени во ист ден, „Златен канал“ е еден од регионалните медиуми со најмногу емитувања на владини реклами во 2013 и во 2014 година.
Додека го завршуваме овој текст, на фејсбук-страницата на „Златен канал“, односно К3 телевизија, се прикачува уште една видеосодржина – ТВ-сторија од ораторските вечери во организација на Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ. За денеска, ова е седмата сторија во која се промовираат партиски и владини активности.
Околу 170 илјади жители на регионот Д1, како што Агенцијата ги утврдува границите во кои една регионална телевизија може да зрачи, доколку немаат сателитска програма, немаат ниту многу опции да гледаат нешто поинакво од промоцијата на владините и партиските активности. Од локалните ТВ станици им преостанува уште Сител 2, со седиште во Кратово.
Ако се земе предвид заклучокот од Извештајот за напредок на Македонија, во кој за националните телевизии пишува како „за медиуми под индиректна контрола на власта“, тогаш сѐ поизвесно е дека кратовци, кривопаланчани и кумановци немаат многу опции да прочитаат дека живеат во демографски најзагрозениот регион во државата.
(Оваа публикација е развиена во рамките на проектот со финансиска поддршка од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Содржината на оваа публикација е во целосна одговорност на авторите и на ниту еден начин не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Норвешка)