Австралија денеска ги обвини исламските милитанти дека своите странски борци ги користат како „топовско месо“ и „орудие за пропаганда“, откако најновите разузнавачки податоци покажаа дека во борбите во Сирија и Ирак на страната на џихадистите загинале 20 државјани на Австралија.
Владата во Канбера сооопшти дека во моментов повеќе од 70 Австралијци учествуваат во борбите во двете споменати земји, додавајќи дека е се поголем бројот на загинати во воздушните напади на коалициските сили врз упориштата на Исламска држава, пренесоа француските медиуми.
– Владата располага со податоци дека досега дваесетина Австралијци се загинати во конфликтите во Сирија и Ирак. Оваа бројка последните недели постојано расте, главно заради новите жртви во борбите за градот Кобане, изјави австралискиот државен обвинител Џорџ Брендис за дневниот весник „Аустралиен“.
Зголемувањето на бројот на загинати борци служи како ново предупредување дека Исламска држава ги искористува странците за својата пи-ар кампања, која има за цел регрутирање нови борци, предупредуваат австралиските власти.
Брендис ја обивни ИД дека се обидува да ги измами регрутите од Запад за тие да мислат дека се важен дел на џихадот, а всушност се само пиони во пропагандната војна.
– Тие ги користат само како топовско месо на првите линии на фронтот, како бомбаши-самоубијци и орудие за пропаганда, рече Брендис и додаде дека „австралиските момчиња и многу други млади луѓе од Западот заминуваат во војна на страната на џихадистите бидејќи се заведени со лажната идеја за благородната борба против непријателот тиранин“.
Согласно неодамна изгласаниот закон, секој граѓанин на Австралија, кој ќе отпатува на Блискиот исток со намера да се бори на страната на џихадистите, може да биде осуден на десет години затвор.