Денеска почина проф. д-р Убавка Гајдова, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисикров“ – Скопје.
Убавка Гајдова беше родена во 1965 година во Велес, каде што го стекнала основното и средното образовение, а дипломирала на Катедрата за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје. Работеше во Институтот за македонски јазик од 1993 година во Одделението за дијалектологија.
Во фокусот на нејзиниот научен интерес беше македонската дијалектологија и граматичкиот систем на македонскиот јазик во рамки на балканскиот јазичен сојуз. Беше вреден и истакнат научен работник, раководител на проектот Македонски дијалектен атлас, претседател на Советот за македонски јазик при Владата на РМ, долгогодишен член на Советот при Институот за македонски јазик и претседател на Советот во половина мандат.
Активно беше вклучена во редакцискиот одбор на институтските списанија: „Македонски јазик“ и „Македонистика“, како и претседател на редакцијата на спиасанието „Литературен збор“, гласило на Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература на РМ. Беше професор на предметот Македонска дијалектологија на државниот унивезитет во Тетово, како и професор на постдипломските студии при Институтот за македонски јазик. Меѓу своите колеги и студенти Убавка Гајдова ќе остане трајно запаметена како жена што ја красеа мудрост, висок интегритет, ретки човечки вредности и огромна научна компетентност.
Погребот ќе се изврши утре (7. 12. 2014) во 13 часот. Простувањето е од 12-13 часот во капелата на гробиштата во Ѓорче Петров.