Во пресрет на патронатот и по повод 70 години од формирањето, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ денеска ќе добие Орден за за заслуги за Македонија од претседателот Ѓорге Иванов.
Орденот се доделува за исклучителни резултати на НУБ во собирањето, зачувувањето и презентирањето на македонското духовно творештво и придонесот во развојот на образованието, науката и културата, како и за севкупниот општествен развој на Република Македонија и нејзината афирмација во светот.
Претседателот Иванов ќе му го врачи високото признание на директорот на НУБ Иван Заров, на централна прослава на седумдецинискиот јубилеј која ќе се одржи во Библиотеката. На свеченоста ќе се обрати и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Прославата ќе почне со положување цвеќе пред споменикот на свети Климент Охридски пред НУБ и со настап на хорот „Хармосини“. По повод јубилејот ќе биде отворена изложба „Од ризницата на НУБ“, на која ќе биде презентиран мал дел од културното богатство што го поседува Библиотеката: старословенски, ориентални и современи ракописи, музички композиции, стари карти, ретка периодика, како и дел од изданијата на Библиотеката и избрани публикации за свети Климент Охридски.
За овој настан НУБ „Св. Климент Охридски“ објави и „Библиографија на изданијата на НУБ „Св. Климент Охридски од основањето до 2014 година“, а на прославата ќе бидат промовирани уште три други изданија: специјална библиографија посветена на патронот свети Климент Охридски, и две дигитални публикации: „Седум научни средби во чест на свети Климент Охридски“ и ДВД од научната средба насловена „Свети Климент Охридски во ликовното творештво“.
Ќе бидат доделени и „Свети Климентови грамоти“ на претходните директори на НУБ „Св. Климент Охридски“ и на неколку личности кои придонеле за Библиотеката, како и традиционални награди за вработени во Библиотеката, како и наградата „Библиотека на годината“ која ја доделува Библиотекарството здружение на Македонија.