Сопственикот на радиото Канал 77, Горан Гаврилов поднел барање за прием до Советот за радиодифузија во врска со одлуката за промена на сопственичката структура на неговиот медиум.
„Се уште не ми одговориле, а барам средба со сите членови на Советот. Таму сепак ќе одам утре изутрина со мојот адвокат, кој учествуваше во изработка на законот за радиодифузија. Доколку не бидам примен, ќе седам пред вратата и ќе ги чекам надвор“, изјави вечерва Гаврилов за А1.
Според него, не е можно правната служба да се изјасни дека законот е на негова страна, а членовите на СРД сепак да не го уважат мислењето на правниците во Советот. Гаврилов тврди дека целта е неговата сестра која е пратеник да поднесе оставка во парламентот, како услов тој да го задржи медиумот.
Тој не знае како гласи вчерашната одлука на СРД и ја нема добиено, и затоа сака да добие објаснување од нив лично, а не да го упатуваат на законот за пристап до информации.
СРД уште пред шест месеци даде рок да се смени сопственичката структура кај сите медиуми согласно законот според кој функционерите или членовите на потесното семејство да не можат да вршат радиодифузна дејност.