Република Македонија ќе и помага на ирачката Влада преку хуманитарната димензија во борбата против т.н. Исламска држава на Ирак и Левант (ИСИЛ), а во исто време и ќе превзема мерки на сите фронтови за спречување дотурот на странски борци на страна на ИСИЛ и мерки за нивно санкционирање, јави дописникот на МИА од Брисел.
Ова денеска е договорено на состанокот во седиштето на НАТО во Брисел на 62-те земји што се дел од коалицијата предводена од САД за борба против ИСИЛ, на кој присуствуваше и македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски.
Според Попоски, денешниот состанок бил на иницијатива на американскиот државен секретар, Џон Кери, при што биле високи претставници и министри на коалицијата што вклучува не само земји-сојузници и партнери на НАТО, туку и земји од Арапскиот свет и од Азискиот континент.
– Заедничката кауза е борбата против Исламската држава и злото од кое во моментов сите чувствуваат определена закана. Првиот дел на мерки што беа предмет на дискусија беше посветен на хуманитарната димензија, бидејќи во моментов има над седум милиони бегалци од Сирија, три милиони бегалци надвор од границите на Сирија, при што половина од нив се практично во Турција, што е сериозен хуманитарен проблем. Втората димензија е во делот на заедничкото дејствување и помош на властите во Ирак за справување со напредувањето што го имаше ИСИЛ на терен. Тука Американците предводат една поширока коалиција и операции на теренот, посочи Попоски во изјава за МИА по состанокот.
Во третиот дел од денешниот состанок, според македонскиот шеф на дипломатијата, како најважна политичка компонента се посочени мерките што САД ги очекуваат од партнерите за справување со злото, а тоа е фактот што практично секоја од земјите од оваа коалиција има учесници и борци на теренот на страната на ИСИЛ. Во овој дел, според Попоски, покрај мерките за криминализирање на актот на војување во странство и поттикнување на други тоа да го прават, многу се значајни и мерките и пораките што се упатуваат за умерено дејствување во спротивставувањето на радикалните пропагирања во овој дел, кои долгорочно треба да бидат фокусирани на делот на пораките што ќе се упатуваат и борбата против радикалната идеологија што во моментов е најголема закана од аспект на НАТО.
– Се работи за воздушни интервенции што ги предводат САД и тие имаат за цел да спречат дотур на средства преку експлоатации на нафта и преку реалниот напредок на терен на борците на ИСИЛ. Во оној дел во кој ние можеме да придонесеме е хуманитарната димензија, помошта што може да ја очекуваат во иднина, на страна на ирачката Влада и на страна на сите умерени сили што се дел од оваа коалиција, посочува Попоски.
Според првиот човек на македонската дипломатија, во овој дел најмногу се очекува да придонесат побогатите европски држави. Но, сепак, она што е посочено дека се очекува од сите учесници во коалицијата за борба против ИСИЛ, според Попоски се мерки на сите фронтови за спречување на дотурот на странски борци на страна на Исламската држава и мерки за нивно санкционирање.
– Долгорочно, пак, пораката е да се поттикнуваат умерени пораки и елиминирање на радикалните пораки што се упатуваат за каузата на ИСИЛ – рече Никола Попоски.