Повеќе од јасно е дека денес, освен потписот, веќе ништо не се пишува со рака. Сите се свесни дека на весниците во традиционална, хартиена верзија, деновите им се одброени и им следи судбината на разгледниците и писмата, кои веќе никој не ги пишува, ниту испраќа.
Се повеќе луѓе во светот се прилагодуваат на новите трендови и читаат белетристика и стручна литература во дигитална форма.
Финската Влада отиде чекор напред и донесе одлука едноставно да ги укине часовите на кои учениците ја совладуваат вештината за пишување букви. Министерството за образование во Хелсинки порачува во иднина „дактилографијата да се смета за основна вештина“.
– Тоа секако ќе претставува голема културна промена, но знаењето да се чука на тастатура денес е многу поважно, се наведува во соопштението на финското Министерство, кое планира новата мерка да ја воведе од 2016 година.
Пишувањето со рака веројатно заминува во историјата. Неодамна едно истражување, спроведено меѓу експертите од страна на Би-Би-Си, покажало дека „за повеќето наставници е доволно децата да ги разликуваат големите и малите букви“.
Иако експертите признаваат дека пишувањето со рака ја развива моториката кај децата, сепак тие нагласуваат дека тоа може лесно да се замени со цртање или техничко образование, кои исто така имаат позитивно влијание на мозокот.