Од следниот месец во средните училишта во државава ќе биде промовиран проектот „Најдобар млад програмер“ со кој е предвидено организирање натпревари по информатика, како и поттикнување на младите да се запишуваат на техничките факултети.
За реализација на проектот денеска директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, Миле Јованов потпишаа Меморандум за соработка.
Во февруари следната година ќе се организираат општински и регионални натпревари, во март државен натпревар по информатика, а во април Македонска олимпијада. На победниците по категории од олимпијадата ќе им биде овозможено да заминат на Светската олимпијада која ќе се одржи во Киргистан во јули следната година.
Караванот за промоција на проектот во средните училишта ќе го сочинуваат претставници од Агенцијата за млади и спорт, ФИНКИ и од Здружението на информатичарите на Македонија.
Според директорот Спасески, со Меморандумот се утврдува рамката за соработка меѓу АМС и Здружението во делот на реализацијата на проектот „Најдобар млад програмер”. – Оваа рамка всушност е насочена кон унапредувањето на едукативните, истражувачките и апликативните активности во областа на информатичките науки и компјутерско инжинерство, кон поттикнувањето на иновативноста, креативноста и претприемачкиот дух кај младите луѓе и учениците од средните училишта, истакна Спасески.
Со реализацијата на овој проект, додаде, сакаме да ги стимулираме средношколците да се запишуваат на техничките факултети.