Министерството за труд и социјална политика ги отфрли како бесмислени и неосновани критиките што денеска ги изнесе на прес-конференција Мила Царовска од СДСМ.
– Оваа Влада како никогаш до сега покажа решителност сеопфатно и системски да се справи со семејното насилство како општествено зло. Токму во тој правец е новиот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, стои во писмената реакција од Министерството за труд и социјална политика.
Во неа Министерството потсетува на ефектите од новото законско решенија за превенција, спречување и заштита од семејно насилство.
– Начелата на кои се заснова Законот се почитување на достоинството и личниот интегритет на жртвите на семејно насилство, третирајќи го овој проблем како повреда на основните човекови права, стои во реакцијата.
Се додава дека е проширен опсегот на заштита и за жртвите на економското искористување. Утврдена е одговорноста за пријавување сознание за сторено насилство до полициска станица или центар за социјална работа, за секој оној кој има вакви сознанија.
– Законска регулатива за спречување на семејно насилство, особено се посветува и на превенцијата така што законски се уредува обврската за сеопфатни превентивни мерки на локално и национално ниво, наведуваат од Министерството за труд и социјална политика и ги посочуваат мерките за заштита на жртвите од страна на центрите за социјална работа.
Посочуваат дека се прецизираат и надлежностите на здравствените работници, се обезбедува посебна заштита кога постои сознание за загрозување на животот и здравјето на жртвата и членовите на семејството, преку изготвување на безбедносен план за помош на жртвата. Новата законска регулатива обезбедува проширување на овластувањата на службените лица за итна интервенција при МВР за отстранување на сторителот на насилството од живеалиштето на жртвата.
Во делот на судските постапки, појаснуваат, како новина е предвидено кога постои основано сомнение за сериозна опасност по животот и здравјето на жртвата или на член од семејството, судот во рок од 24 часа ќе изрече привремена мерка за заштита.
Центарот за социјална работа е должен секогаш кога насилството е сторено врз дете или во присуство на дете да поднесе кривична пријава против сторителот на семејно насилство.
Според Минситерството за труд и социјална политика подобрена е регулативата во однос на подигнувањето на нивото на задолжително почитување на изречените судски мерки за заштита од страна на извршителот на семејното насилство и оти во таа насока, предвидена е парична казна во висина од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност за непочитување на одлуката.
Посебно аспект е даден на заштитата на децата и тоа кога се директни жртви на насилство, но и кога се присутни на насилни односи помеѓу членовите на семејството. Новото законско решение предвидува Во случај кога детето е жртва на насилство во семејството, Центарот за социјална работа, по службена должност презема мерки на заштита од семејно насилство, како и мерки на надзор над вршењето на родителското право.
Законот стапува на сила од 1 јануари 2015 година.
– Oваа Влада суштински го подобрува системот за справување со семејното насилство, наместо безидејноста на СДСМ, иако нивната претседателка на партиска комисија за труд и социјална политика е повремено и претставник на НВО, наведуваат во реакцијата од Министерството за труд и социјална политика.