Командантите на екстремната џихадистичка група Исламска држава (ИД) се одговорни за воени злостроства од масовни размери во североисточна Сирија, каде што шират терор со обезглавување, каменување и стрелање цивили и заробени војници, соопштија денеска инспектори на ОН.
Најновиот извештај е заснован на разговори со повеќе од 300 мажи, жени и деца кои побегнале или се уште живеат во североисточна Сирија. Исламска држава наметнува свои едикти, засновани на радикално толкување на исламски закони, а ги спроведува „полиција за морал“, која наредува камшикување и ампутирање за „кривични дела како што се пушење или кражба“, се наведува во извештајот на ОН.
Врз децата се врши притисок да ги предадат своите родители, жени се убиваат поради неодобрен контакт со мажи, а христијани и други малцинства се приморани да плаќаат даноци или да ја променат верата.
– Исламска држава обезглавува, пука и каменува мажи, жени и деца на јавни места во градови и села ширум североисточна Сирија, се вели во извештајот,
Исламска држава ускратува храна и лекови за илјадници луѓе, а своите припадници ги крие меѓу цивили откако коалицијата предводена од САД почна да бомбардира нивни позиции во Ирак и Сирија.