Асоцијацијата за детски дијабетес „Баланс МК“ по повод Светскиот ден на дијабетесот најави дека ќе бара иглите што се користат кај бебињата и децата дијабетичари да се стават на позитивната листа.
Во денешното соопштение од Асоцијацијата посочуваат дека еден дијабетичар во просек троши по 20 евра за една кутија игли за месец до два и оти и за децата се користат исти игли од 6 мм, како и за возрасни.
Според нив, погрешно е тоа што се употребуваат игли со иста големина и за деца и за возрасни бидејќи кожата и поткожното ткиво се различни кај секого.
Асоцијацијата посочува и дека гликомерите односно апаратите кои вршат 24 часовен мониторинг на шеќерот во крвта во западните држави за децата се на позитивната листа.
Во Македонија, според Асоцијацијата, има приближно 200.000 лица со дијабетес тип 1 и тип 2. Од нив, околу 43.000 лица примаат инсулин, а на Детската клиника на годишно ниво се регистрираат околу 30 деца со дијабетес тип 1 (инсулин зависен). Оваа година, дијабетес мелитус тип 1 е дијагностициран кај 33 деца, соопштува Асоцијацијата за детски дијабетес.