Азербејџан ги забрани летовите во воздушниот простор на Нагорно Карабах, откако во зоната на конфликтот беше соборен воен хеликоптер на властите во енклавата, соопшти вчера азербејџанското Министерство за надворешни работи.
Нагорно Карабах е сепаратистичка енклава во Азербејџан, населена претежно со Ерменци.
Ерменското Министерство за одбрана вчера соопшти дека азербејџанската армија го соборила хеликоптерот Ми-24 на армијата на Нагорно Карабах. Тоа се случило над источниот дел на границата меѓу Азербејџан и Нагорно Карабах.
Хеликоптерот извршувал пробен лет, а според неофицијални податоци загинале тројцата пилоти.
Баку тврди дека хеликоптерот нападнал азербејџански позиции, на што силите на Азербејџан соодветно реагирале.