Актуелниот прв министер на Шкотска, Алекс Салмонд, на својата последна прес-конференција во Единбург, изјави дека идејата за независност на Шкотска е се уште мошне жива и ги предупреди унионистите, дека нов референдум за отцепување од Велика Британија ќе има поскоро, отколку што тоа го сакаат унионистите.
Салмонд во петок се повлекува од лидерската функција во сепаратистичката Шкотска национална партија (СНП) и од функцијата прв мннистер на Шкотска, откако поднесе оставка по поразот на референдумот за независност од 18 септември.
На двете негови функции ќе го наследи Никола Старџен, која досега беше заменик-лидер на СНП и заменик прв министер на Шкотска.
Салмонд, кој идниот месец ќе наполни 60 години, вели дека независноста на Шкотска и излегувањето од 307 години старата унија со Англија, беше и останува негова „животна цел“.
Во време на кампањата за референдумот тој ги тераше гласачите да излезат на референдумот и да гласаат за независност, уверувајќи ги дека станува збор за единствена можност што ја има една генерација, но на денешната средба со новинарите тој ги уверуваше дека терминот за втор референдум ќе биде порано отколку што тоа се претпоставува.
И покрај поразот на сепаратистите на референдумот, со повеќе од 10 отсто од гласовите од унионистите, Салмонд сега зборува како ново изјаснување да ќе има во следните неколку години.
Првиот министер и партиски лидер на сепаратистите на заминување, тврди дека истражувањата што се направени неодамна покажале оти постои „силна подршка“ на идејата за нов референдум. Салмонд сепак одби да каже дали заложбите за ново гласање ќе бидат ставени во партискиот манифест на СНП за шкотските парламентарни избори во 2016 година.
– Тоа сега останува да биде работа на Старџен, рече Алекс Салмонд.
Уште како заменик лидер на СНП, набргу по референдумот, Никола Старџен изјави дека Шкотска ќе биде независна држава за време додека е таа жива.