Вечното дерби меѓу Работнички и МЗТ Скопје Аеродром синоќа во „Градски парк“ не го дочека својот крај и победникот ќе се решава по административен пат. Според важечките пропозиции, поради самоволно напуштање на теренот и одбивање да го продолжи натпреварот тимот на Работнички службено ќе загуби, ќе остане без бодот кој се доделува на поразената екипа, а како „најцрно“ сценарио за нив е нивна преселба во лига од најнизок степен на натпреварување.
Од таборот на најтрофејниот македонски клуб и домаќин на синоќешниот дуел вината за прекинот ја префрлаат кон судиите и како што велат, МЗТ требал да победи по секоја цена.
Од друга страна, раководството на македонскиот шампион МЗТ Скопје истакнува дека „аеродромци“ со ништо не придонеле за прекинот и како што велат, сакале да се доигра натпреварот и на теренот да се одлучи победникот.
Натпреварот Работнички – МЗТ Скопје Аеродром синоќа беше прекинат на 13 минути пред крајот при резултат 51:35. Судиите по неколку претходни опомени побараа да се испразни трибината со домашните навивачи поради често плукање и фрлање тврди предмети на теренот. Работнички не сакаше да го доигра мечот без поддршката од своите навивачи и одлучи да не се враќа на теренот и покрај повикот на главниот судија Марјан Мицевски, по што беше отсвирен крај.