Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром е домаќин на загрепска Цедевита во натпревар од регионалната кошаркарска АБА лига.
Попладнево од 18 часот во СЦ „Јане Сандански„ кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ќе има тешка задача во дуелот со евролигашот Цедевита, да стигнат до втората победа во АБА конкуренцијата.
Покрај овој меч, кој е од 5.коло, денеска ќе се играат и средбите: Цибона – Шолнок, Игокеа – Партизан и Црвена звезда – Будуќност.
Колото ќе биде комплетирано во понеделник со средбата Мега Визура – Задар.
Инаку вчера беа одиграни две средби. Во Софија, екипата на Левски загуби од Крка минимално со 68:70, додека во Љубљана, Олимпија беше изненадена од дебитантот Металац кој забележа минимална победа со 70:69.
Табела: Крка 11 бодови (+ 1 натпревар повеќе), Црвена звезда 10, Будуќност 10, Унион Олимпија 9 (+1), Цедевита 8, Шолнок 8, Мега Визура 8, Задар 7, МЗТ Скопје Аеродром 7, Партизан 7, Левски Софија 7 (+1), Металац 7 (+1), Игокеа 6 и Цибона 6.