Зошто Вевчани и вевчанци се толку често интересни за медиумите?

Од:

Не е сосема најјасно зошто Вевчани, од толку многу населени места, прилично често е во медиумите и зошто токму ова место генерира толку голем новинарски интерес, како ни зошто статиите кои пристигнуваат оттаму се толку интересни за пошироката јавност. Одговор на ова прашање можеби може да даде специфичното минато на Вевчани, кое оди длабоко во времето и во кое печалбарството и влијанијата кое тоа ги носи со себе, играат значителна улога.

 

Пишува: Веле Митаноски

 

„Јас сум син на печалбар. Секоја пролет, кога ќе цвета и младее во нашиот крај, птиците се враќаат да го свијат своето гнездо. Нашите татковци се сменуваат со птиците. Тие доаѓаат, а татковците си одат. Тогаш со тага се исполнуваат нашите детски срца. Моето и на другарчињата.“

Реченицата е позајмена од писмена задача и е оттргната од душата на осмоодделенец, вевчанец, од училиште со долга традиција, формирано во далечната 1835 година. Една година подоцна и познатата вевчанска библиотека.

Зад Вевчани стои милениумска историја и традиција. За познатиот Вевчански василичарски карневал се вели дека егзистира најмалку 15 века. Според турските записи на населението од 1509 година, во селото имало 208, а во 1519 година – 223 домови. Било поголема населба од Струга (тогаш 176 домови). Од  1633 година населбата е заведено под името Вешчано, со 154 домаќинства. Според бугарските податоци од 1878 година имало 865 домаќинства со 2.430 жители. На крајот на  19-иот век Вевчани имало 2.590 жители, денес (попис од 2002) општината Вевчани брои 2.433 жители, сите Македонци.

„Со векови за Вевчани се пишуваше за печалбарите, за напредните демократски изблици, за непокорот, за печалбарството, културата и традициите. Ете, дочекавме, на првите страници, да не стават со полициска хроника. За прв пат крена рака вевчанец на вевчанец!”, се јадосува вевчанецот Тоше Чочороски.

Вевчанци се особено горди на “нивниот Михајло од Пупиној” (Михајло Пупин – му подигнаа спомен куќа) за кого тврдат дека е со нивни корен, иако е роден во Идвор, Србија, 1858, а починал во Њујорк 1935 година како великан од областа на физиката и електрониката. Бил професор на Колумбија Универзитетот во САД, ја понел Пулицеровата награда. Човештвото го задолжил со решенијата за телеграфски и телефонски пренос на далечина.

 

СИМБОЛ НА ОТПОРОТ – ПРЕДВЕСНИЦИ НА МАКЕДОНСКАТА ДЕМОКРАТСКА ПРОЛЕТ

При една посета, поранешниот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, на вевчанци им рече:

„На овој дел од земјата и на оваа страна, вие сте последниот браник на нашата држава.“

Кога, во 2003-та, се цртеше новата територијална кројка на државата, вевчанци се заканија:

„Или ќе не оставите да бидеме самостојна општина, или ќе се отцепиме, ќе бидеме втора Андора на Балканите!“

Вевчанци тоа и ќе го направеа ако отидеа дотаму работите. Како што во 1987 година, во случајот со водите, си ја одбранија честа, бранејќи го вевчанското врело. Целото државно и полициско раководство го легнаа на плеќи, уште и му подигнаа „споменик“ на сред село, на градското пазарче: легната спомен плоча со нивните изгравирани имиња: „За да ги мочаат магарињата!“ Ете, тоа е Вевчани. Беа обвинети дека не ја даваат водата на „муслиманките да си ги мијат гезојте!“, но тие станаа симбол на отпорот, со месеци беа медиумски хит во поранешна Југославија и на Балканот, ја понесоа македонската демократска пролет. Секој што и малку сакаше да биде политичар, или јавна личност, патот го водеше преку Вевчани, каде продефилира и целиот дипломатски кор.

До „Вевчанскиот случај“ од 1987 година дојде поради намерата на тогашната власт да ги каптира вевчанските извори, под изговор дека носи вода за жителите од соседното село Октиси, а, всушност, сакаше водата да ја користи за елитната викенд населба Елен Камен, каде што се вилите на тогашните челници на власта. На тоа се спротивставија жителите на Вевчани со поставување на барикади и не дозволија да се постават водоводните цевки. Кулминираше на 7 август 1987 кога интервенираа специјални полициски сили, за првпат во тогашна Југославија, со употреба на „електрични пендреци“!

 

„ПРАЈ КАКО ЌЕ ПРАЈШ, НА ДЕНЕШЕН (ВАСИЛИЦА) ДОМА ДА СЕ НАЈШ!“

Во светот, населбата е позната по Вевчанскиот василичарски карневал за кој велат дека е стар најмалку 1.460 години како интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи, но и коментари на актуелните случувања во животот и политиката, преку маските што тие ги викаат сурати. Редовно се одржува на 13 и 14 јануари, на Василица, додека учесниците се нарекуваат василичари. Тоа се маскирани поединци и групи од сите возрасти организирани по маала. Најчести се маските на зетот и невестата, на музичарите, на Глупавиот Август и на ѓаволите. Од 1993 година, карневалот е член на Здружението на европските карневалски градови, кога вевчанци, на големо негодување на Грција, ја внесоа Македонија под уставното име.

 

ВО КОДОТ НА МАКЕДОНСКОТО ПЕЧАЛБАРСКО ОПСТОЈУВАЊЕ

„Овде дожд врнит – пари не врнат! Соберете го бериќетот и паметот!“ 

Вака, во 1925 година, на своите од Белград им пишува печалбарот Димитрие Кукоски. Здравје, подобра илустрација, за поимањето на печалбарството.

Анастас Ќушкоски, најпознатиот хроничар на Вевчани, потекнува од печалбарско семејство, третина од неговата семејна лоза и денес живее во Романија, некогашното Влашко. Во неговото повеќедецениско трагање, Ќушкоски стигна до објавување на книгата: „Печалбарството во Вевчани“, на книгата со мотиви од историјата: „Вајтос – мит и стварност“ (Вајтос е антички локалитет на тромеѓето меѓу Вевчани, Октиси и Горна Белица), на сценариото за филмот: „Каде оди Вевчани“, на  сценариото за серијата: „Писмо“. Напишал 13 драмски текстови, 4 се собрани во „Синдилија“ и 9 во „Драми“.

Вевчанската печалбарска сага не е само трагање по пари и живот.  Автентични дневнички записи на неколкумина печалбари, сведочат за многу историски настани и личности, за средби со историски големини од нашето минато. Андре Размоски, лично учествувал во спасувањето на големиот бугарски и интернационален деец Георги Димитров по една рација во Софија, каде држел говор на познатиот Орлов мост. Бил обвинет за палење на „Народниот дом“ во кој била печатницата на Работнически Весник, но и на Освобождење, под редактура на Димо Хаџи Димов. Григор Угриноски бил соборец на Димитрија Чуповски и член на Македонскиот револуционерен комитет во Петроград, од 1915 година. Кузман Дејкоски бил учесник во Октомвриската револуција 1918 година, во Одеса на Црното Море. Јован Србакоски, наместо во дневнички записи, вевчанската печалбарска сага ја пренел низ личен поетски вознес. Во Белград, 1936 година, ја објавил поетската збирка „Вапај умируќи“ („Лелеци на смртните“).

 

ПАНДЕЛЕ АЛУЛА – „СВЕТИЛНИКОТ ОД АЛЕКСАНДРИЈА“

Печалбарската сага влегла во топонимите од вевчанскиот синор. За „Плачи Круша“ пишува Стево Царевиќ („Печалбарите заминуваат“ – белградска Политика, 1938). Невестата – вевчанка му го дала целото татково богатство на саканиот, враќајќи го од „Плачи Круша“, местото на разделбите. Тодор Маневиќ (белградско Време, 1932), пишува дека вевчанци, преминот на Црн Дрим (стар мост надвор од Струга), го споредувале со „Мостот на воздишките“ од Венеција. Таму, директно во дуждевата зандана, овде во неповрат!

Во 1936 година во Вевчани е востановена првата библиотека, на самиот почеток со 300 наслови, донесени од светот од печалбарите. Кој една, кој две, додека Панделе Алула (за вевчанци: „Светилникот од Александрија“), тргнат со теслата на појас, посакал во Вевчани да ја подигне втората Александриска библиотека. Никогаш не се вратил, а собрал книжен фонд вреден милиони долари. Судбината, преку Персија го однела во Египет, во градот на едно од светските чуда – бибилиотека која „доколку не изгорела, светот денеска ќе изгледал сосема поинаку.“ Од Акександрија се префрлил во Атина, каде изградил огромно богатство, вредно 8 милиони долари, според проценки на југословенската амбасада направени во 60-тите години. Приказната вевчанци ја илустрират со три автентични писма, кои Панделе Алула ги испратил 1911 од Александрија, Египет.

 

ПАТ ВО ЕДЕН ПРАВЕЦ!

Вевчанската печалбарска тага честопати била ехо од жалниот пат во еден правец. Стојан Чочороски, животната судбина, од Вевчани, преку логорите во Грција и Италија, го води во Сао Паоло, Бразил, Јужна Америка. Во Вевчани ја остава жена си Менка, со штотуку родената ќерка Вера, корен во семејството. Сопругата, со ќерката под мишка, тргнува во потрага на сопругот, по неговите траги: „Следи го мојот пат“ ѝ напишал сопругот. Патот ја води преку Риека, во италијански логор, оттаму во Лондон, каде ја губи врската со сопругот. Алармира преку Меѓународниот црвен крст, но без успех. Во Лондон ќерката расте, завршува театарска академија. Животната судбина ја спојува со пејачот и актер Роберт Гулит (филмот „Гол пиштол“ и други комедии), со кого се мажи и заедно со мајка си преку океанот, директно во престолнината на филмската уметност – Холивуд, а оттаму во градот на соништата, Лас Вегас. Како новинар бев во прилика дел од приказната за Стојан Чочороски да им ја пренесам на вевчанци, посредно, преку сведочењето на Вангел Деребан, светски патник и, уште повеќе, кујунџија од светски глас. Беше во посета на својот брат во Сао Паоло. Таму се сретна со брата си, но и со многу други браќа по потекло. Се сретна и со Стојана Чочороски. Сопругата и ќерката – никогаш!?


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска