(ВИДЕО) Блажески: Ниеден адвокат од Охрид не сака да ме брани во спор со власта

Од:

Во Основниот суд Охрид денеска започна судскиот процес за проектот „Лизгалиште во Охрид“. Секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески бара оштета од 300.000 денари од советникот од Либерално – демократската партија, Дејан Блажески за клевета и навреда.

На првото рочиште, Спасески не се појави во судницата, а во негово име дојде неговиот адвокат. Блажески пристигна сам пред судот во Охрид и сам влезе во салата за судење. Тој потенцираше дека во „5 до 12“ неговиот адвокат се откажал од процесот и го оставил сам да се брани, а претходно одбиле да го бранат уште неколку адвокати. Блажески рече дека не му останува ништо друго освен да увезе адвокат од Скопје со цел да ги заштити интересите на граѓаните и да ја докаже спорноста на проектот.

„Изненадува фактот што покрај сите обиди да пронајдам адвокат во нашиот град, и тогаш кога мислев дека го најдов адвокатот којшто ќе ме застапува затоа што јас сум економист, а не правник, во пет минути до 12 часот, вчера бев одбиен од адвокатот со што бев приморан сам да се бранам. Јас сум човек којшто знае дека политиката не е балет, туку е рагби но сум за рагби со правилна игра. Продолжувам понатаму. За жал, ќе морам да увезам адвокат од Скопје со една причина за да ги одбранам интересите на граѓаните и секогаш да бидам против оние проекти што се спорни, без оглед на тоа колку пари бараат, без оглед на тоа колку верувам во оваа палата на правда или неправда. Поентата е дека јас ќе продолжам во интерес на граѓаните за што сум впрочем и избран, ќе продолжам да прашувам, да откривам работи и со самото тоа цврсто и одлучно стојам и нема да се поколебам и покрај понудата на судијата за правно помирување. Јас го одбивам тоа бидејќи одговорно тврдам дека не само што прашувам, туку и секогаш ја зборувам вистината“, рече Блажески по завршувањето на првото рочиште.

Судскиот процес се води за проектот „Лизгалиште“ што Општина Охрид го имаше поставено на градскиот плоштад за време на новогодишните и божиќните празници.

„Стануваше збор за спорниот проект „Лизгалиште“ за кој првенствено најавија дека го прави австриска фирма за на крај да се види дека тоа е договор на општината со една локална фирма, уште повеќе кога тука во презентираните докази го имам тоа дека лизгалиштето го имаат не како урбана опрема за што одговорно тврдам дека не е поминато на Совет, туку ни го правдаат дека е презентација на лизгачки спортови. Презентациите се бесплатни, а очигледно беше дека се наплаќаат сметки на граѓаните за користење на тој простор. Уште повеќе, навредениот секретар којшто повторно не најде за доблест да се појави денес, беше испровоциран со самото тоа што беше прашан дали е тој потписник на контроверзниот договор, а контроверзен е со самото тоа што претходно во медиумите се шпекулираше дека станува збор за австриска фирма. Јас имам документација на која и самиот Спасески е потпишан на барање коешто го има испратено до градоначалникот“, потенцираше Блажески.

Блажески рече дека притисокот кој ДПМНЕ го прави кон сите е причината што било кој адвокат или било кој професионалец од друга сфера не сака да си создава проблеми во понатамошната работа.

„Тоа зборува колку е загрозена демократијата во нашата земја и јас ви благодарам како седма сила што дојдовте да го пренесете сево ова. Ако останав во „5 до 12“ без адвокат, задоволен сум што барем тоа можам да го кажам“, додаде Блажески.

Адвокатот на секретарот Димитар Спасески одби да даде изјава за медиумите во врска со целиот случај. Двете страни одбија било каква спогодба, по што започна судскиот процес. Главната расправа е закажана за 27 ноември во Основниот суд во Охрид.

 

Ф.Ј.

Би можело да ве интересира

ЛДП: Осуда за сквернавењето на државното знаме и одговорност за сторителите

Катерина Ѓуровски

ЛДП со посебна благодарост за основачите во Битола

ВИДЕО: Силното невреме направи штети во Битола, Штип и Охрид, се санираат последиците

Катерина Ѓуровски

Зајкова: ЛДП е фокусирана на своите политики, а не дали ќе настапува во одредено мнозинство

Зајкова: Со новиот предлог закон за платежни услуги се укинуваат неоснованите банкарски трошоци

Горан Наумовски

ЛДП: Скопје не смее повеќе да биде во заложништво на волјата на Данела – оставка веднаш