Италијанскиот премиер Матео Ренци вети дека ќе предложи измени во законот за добивањето на италијанско државјанство за децата на имигрантите, кои се родени во Италија.
Ветувањето е дадено по големите протести против имиграцијата, кои се одржаа во Милано.
Ренци вети до крајот на годинава во Парламентот да се гласа за измените во законот за добивање италијанско државјанство. Ако биде прифатена промената, тогаш децата на странци, кои се родени во Италија, ќе можат да добијат државјанство под услов да завршат најмалку еден степен од образованието, било да е основно или средно.
Во Италија легално престојуваат над четири милиони странци, од кои над половината пристигнале од Европа. Од нив над 25 отсто се под 20-годишна возраст, покажуваат податоците на италијанската Служба за статистика.
Антиимигрантската партија Северна лига вчера во Милано организира голем протест против илегалната имиграција, на кој учествуваа десетици илјади луѓе.