Американската војска денеска соопшти дека не е запозната со какви било воздушни операции на групата Исламска држава (ИД) „ниту во Сирија, ниту на други места“, откако невладина организација објави дека припадници на џихадистичката група се обучуваат да летаат во три запленети воени авиони.
– Не сме запознати со какви било воздушни операции на ИД ниту во Сирија, ниту на други места. Ние продолжуваме внимателно да ги следиме активностите на ИД во Сирија и Ирак и ќе продолжиме да извршуваме воздушни напади врз нивни позиции, изјави портпаролот на Главната команда на американската војска, полковник Патрик Рајдер.
Претходно денеска Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, со седиште во Лондон, повикувајќи се на очевидци, објави дека ирачки пилоти, кои се придружиле на ИД во Сирија, ги обучуваат припадниците на оваа џихадистичка организација за пилотирање во три запленети воени авиони.
– Тие летаат со авиони над сирискиот воен аеродром во северната провинција Алепо, која е под нивна контрола. Имаат инструктори, ирачки офицери, кои биле пилоти за време на режимот на поранешниот ирачки претседател Садам Хусеин. Жителите ги виделе авионите како летаат и многупати полетале од аеродромот, изјави претседателот на Сирискиот центар, Рами Абдул Рахман.
Засега не е познато дали авионите се опремени со оружје, ниту дали пилотите можат да управуваат на подолги релации.